Разликите меѓу нас се токму тие кои нѐ прават посебни. Затоа, нештото што го прави ова куче посебно е неговата муцка!

Фактот дека разликите и несовршеностите во физичкиот изглед се работи кои се всушност најубав дел од животот докажува и Ерис, кученце од расата Борзои кое всушност има исклучително долга муцка од дури 30 сантиметри!

Нејзините сопственици тврдат дека таа ја има најдолгата муцка на светот. Парот од Ричмонд, Лили и Савана, ја посвоиле Ерис во 2018 година. Таа тогаш била мало кученце и никој не можел да претпостави дека таа има толку голема муцка. Неодамна таа го прослави својот втор роденден, а парот немал поим дека таа некогаш ќе станела позната.

Но, таа станала Инстаграм сензација!

На почетокот тие ѝ отвориле профил само за да можат да го следат нејзиното растење, но потоа сѐ ескалирало.

„Отсекогаш сме се надевале дека ќе можеме да споделиме со луѓето барем дел од смеата и среќата кои Ерис ги носи во домот, а во овие последни месеци се покажа поважно од било кога. Толку ни е мило што можеме да додадеме малку светлина во домовите на други луѓе во овие мрачни и тешки времиња“ – велат сопствениците за Bored Panda.

Расата Борзои на која припаѓа Ерис е по потекло од Русија. Аристократите ги сакале овие кучиња поради нивниот необичен изглед и исклучително добри ловечки вештини, бидејќи во Русија често се организирале големи ловечки забави. Борзои буквално значи „брз“. Но овие кучиња брзо се прилагодуваат и на градскиот живот.