Лидерите на политичките партии денес на средба кај претседателот Стево Пендаровски постигнаа конзенсус за одложување на изборите од 12 април, за што побараа експертски тимови да најдат правно решение за нов датум. Истовремено, лидерите не се единствени во ставот за тоа како државата, со каква состојба да се справува со коронавирусот.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев по лидерската средба порача дека побарал да се воведе вонредна состојба.
„Сега кога имаме заеднички непријател во коронавирусот не е време за избори. Согласно анализите и проекциите за економските проекции подготвуваме сет за помош и мерки. Ја отвoрив потребата од воведување вонредна состојба, за да може поефикасно да се донесат мерки за здравствената состојба на граѓаните. Верувам дека можеме да успееме и да се избориме со овој предизвик“, рече Заев.
Тој додаде дека не калулирале со опцијата кој да владее до новите избори, а негов предлог е да продолжи да владее техничката влада. Според Заев, важно е сите да останат посветени за заштита од заразата.
„Дадовме право на претседателот на државата да свика експертска група да најде правни модалитети за одложување на изборите. Верувам дека ќе се надат правни формулации со кои ќе се одложат и повторно закажат изборите и дека ќе се воведе вонредна состојба“, рече Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, потенцираше дека сите одлучиле дека здравјето на граѓаните е над се’. Притоа, ВМРО-ДПМНЕ е за прогласување кризна состојба од 30 дена на цела територија на Македонија, за потоа да се прогласи вонредна состојба, ако има потреба.
„Уставот предвидува кризна, но не и вонредна состојба. Вонредната состојба не е регулирана со закон, односно што би значело тоа и кои се чекорите. Постои закон за справување со кризи, како што беше за поплавите во Скопје. Можеби треба експертите најпрвин 30 дена да прогласат кризна состојба потоа да се примени прогласување вонредна состојба. Генерално тука би го заклучил тоа што ние како партија го имаме, остануваме на нашите ставови – приоритет е здравјето на граѓаните, предупредувавме на сериозност“, рече Мицкоски.
Според него, во текот на денот Пендаровски ќе треба да соопшти како треба да се одложат изборите и која институција потоа ќе треба да ги закаже изборите.
Билал Касами, претседателот на Беса, изјави дека нема услови да се организираат слободни и демократски избори.
„Како ќе се продолжи понатаму, тоа оставаме претседателот да се консултира со правници и експерти за да се исполни процедурата во однос на прекин на избирачкиот процес. Треба да се најде механизам како да се одложат изборите, а датумот да се одреди кога ќе имаме минимални услови за одржување на избори“, нагласи Касами.
И лидерот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села е согласен за одлагање на изборите, бидејќи, вели тој, без здравје нема политичка ситурност.
Села упати апел до Владата да се фокусира на снабдувањето со храна и се друго што треба за граѓаните во двете жаришта Дебар и Центар Жупа каде што живеат и други кои не се заразени, но има и луѓе од други места кои се затекнале таму.
Претседателот Пендаровски, по вчерашниот состанок на Советот за безбедност, истакна дека не треба да се избрзува со кризна или вонредна состојба, бидејќи се уште нема таква потреба.