Статуата на познатиот мајстор за боречки вештини Брус Ли е украдена од парк во Мостар. Тамошните медиуми велат дека станува збор за своевидна мистерија бидејќи споменикот само исчезнал во текот на ноќта, а никој од одговорните не знае што се случило.

Споменикот на познатиот актер и мајстор на боречките вештини беше поставен во паркот Зрињевац во Мостар во 2005 година. Сега исчезна, а како што пишува порталот „Бљесакинфо“, Градот Мостар немал никаква врска со отстранувањето на статуата.

Од МУП на Херцеговско-неретванскиот кантон засега немаа официјална информација, па тоа само ги подгреа шпекулациите дека е украден бронзениот споменик на Брус Ли. Во исто време на терен излегла и мостарската полиција, пишува агенцијата Фена.

Жителите на семејна куќа, која се наоѓа во непосредна близина, изјавиле дека Брус Ли „изминатиот ден бил таму и дека едноставно исчезнал преку ноќ“.

Бронзениот споменик на Брус Ли беше откриен во Мостар, во централниот градски парк на 65-годишнината од раѓањето на мајсторот на боречките вештини и филмски актер. Статутот што го прикажува овој експерт за боречки вештини во природна големина во типична одбранбена поза е дело на хрватскиот скулптор Иван Фијолиќ.