„Првиот круг од претседателските избори е еднакво важен како и гласањето на 8-ми мај“, истакна претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на вечерашниот митнг во Велес и ги повика граѓаните да излезат, да го заокружат бројот 1 и да гласаат за европска иднина.

„Мора уште сега, во среда, на сите евроскептици и сејачи на магла и страв да им покажеме дека граѓаните на Македонија сакаат подобра и посветла иднина во Европа. Затоа ве повикувам масовно да излезете и да го поддржите нашиот Претседател, Стево Пендаровски. Јас знам дека исто како мене, и Стево не се откажува од европската иднина на Македонија“, рече Ковачевски.

Лидерот на СДСМ порача дека овие избори се пресвртна точка за нашата татковина, за сите граѓани и за нашите децаи млади. На овие избори одлучуваме помеѓу надеж за подобра иднина во ЕУ со СДСМ и Коалицијата за европска иднина и безнадежност и прокоцкана иднина со ВМРО ДПМНЕ.

„Јас и сите мои соработници од СДСМ и од Коалицијата за европска иднина ветуваме дека ќе работиме ден и ноќ за да изградиме држава со која сите ќе се гордееме. Држава во која ќе се почитуваат европските стандарди и вредности. Држава која до 2030 година ќе стане дел од Европската Унија“, потенцираше Ковачевски.