Извршниот одбор на ММФ во петокот објави дека повторно ја именувал Кристалина Георгиева за втор петгодишен мандат на чело на таа меѓународна финансиска институција.

Тоа значи дека Георгиева, која беше единствениот кандидат во трката за шеф на Меѓународниот монетарен фонд, ќе остане на функцијата и кога нејзиниот сегашен мандат ќе заврши на 30 септември 2024 година.

Одлуката е донесена со консензус, се вели во соопштението на ММФ во кое се потврдува одлуката на одборот.

„Длабоко сум благодарна за довербата и поддршката на Извршниот одбор на Фондот, кој ги претставува нашите 190 членови, и чест ми е да продолжам да го водам ММФ како извршен директор“, рече Георгиева.

„Со нетрпение очекувам да продолжам да му служам на нашето членство, заедно со високо професионалниот и посветен персонал на ММФ“, додаде таа.

Георгиева, 70-годишна Бугарка, го води ММФ од 2019 година.

За време на нејзиниот мандат, ММФ им помагаше на земјите кои се соочија со финансиски тешкотии за време на пандемијата на коронавирус и последиците предизвикани од руската инвазија на Украина, особено во Европа.

Според контроверзниот, повеќедецениски договор меѓу Европа и Соединетите Држави, со Меѓународниот монетарен фонд историски раководел Европеец, а со Светската банка Американец.