Младинската група „Креатори на иднината“ во рамки на проектот „Моќта е во младите“ чиј фокус е подобрување на меѓуетничката интеграција меѓу младите распиша литературен конкурс на две теми „Моќта е во младите“ и „Меѓуетничка интеграција и имплементација на соживот“.

Конкурсот е отворен за сите средношколци од општините Крива Паланка, Кратово, Куманово и Липково.

-Проектот е произлезен од недостатокот на воннаставни активности за младите, како и идејата младите да се дружат меѓу себе, занемарувајќи ја етничката припадност. Моќта не е во никој друг, туку во нас – младите. Имаме потенцијал да го промениме она што не ни се допаѓа во денешното општество и да покажеме дека сме свесни за нашата моќ, нашите права и слободи, истакна Адријана Алексовска, дел од „Креатори на иднината“.

Активноста е дел од проектот на Фондација „Квина Тил Квина“ и Здружение на жени „Кумановка“.

Алексовска ги повика сите млади од регионот да го искажат своето мислење низ поеетски израз со учество на литературниот конкурс.

Литературната творба треба да содржи максимум 500 зборови и може да биде доставена на македонски и албански јазик. Еден ученик може да учествува само со една творба, а крајниот рок за доставување 9 март на следниот мејл: mokjtaevomladite@gmail.com.

По пристигнување на творбите, учесниците ќе ги интерпретираат истите на јавен настан во својата општина, каде од страна на жири комисија ќе бидат одбрани најдобрите три учесници, кои ќе бидат наградени и ќе учествуваат на финален јавен настан во Куманово, каде што ќе се натпреваруваат со најдобрите од сите општини.