Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не дојде да даде исказ во полициската станица во Центар за случајот кога беше затекнат во затворен дел од кафеана на „Боемска улица“.

Засега непознато е која причината поради која тој не се појави во станицата.

Пред полициската станица имаше новинари од повеќе медиумски куќи кои го чекаа Мицкоски, со оглед дека тој бил поканет да даде исказ во 10 часот.

Нема информација ниту дали тој испратил свој претставник за да го одложи давањето исказ или, пак, само не се одзвал на поканата.

Мицкоски на почетокот од месецов беше затечен како седи во затворен дел од угостителски објект на улицата Боемска во Дебар маало, иако тоа беше забрането, с со уредба на Владата цел да се спречи ширењето на коронавирусот.

Додека Мицкоски со пријатели седел внатре, инспектори на Пазарниот инспекторат беа спречени да влезат и да направат увид со образложение дека просториите се заклучени, а клучот е кај газдата на објектот. На нив им беше дозволен увид откако Мицкоски излегол од внатрешноста на угостителскиот објект.

По ова, интервенираше и Единицата за брзо распоредување при МВР, по дојавата дека се бришат снимки од надзорните камери на кои се гледа дека угостителот ги прекршил мерките за заштита од коронавирусот, а внатре бил токму лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Припадниците на ЕБР го најдоа уредот за снимање скриен во буре, а по насока на јавен обвинител е одземен и даден на вештачење.

Иако целата драма на Боемска се одвиваше од попладнето, Мицкоски призна дека бил во внатрешноста на кафeаната и ги прекршил мерките дури неколку минути пред полноќ кога се чекаше јавен обвинител да даде одобрение за одземање на уредот за снимање.