Од културно – забавната манифестација „На зајдисонце “ 2020 останаа уште два дена. Ќе бидат исполнети со атрактивни содржини кои се очекува да привлечат уште повеќе гледачи на летната сцена во Трпејца.

Денеска заинтересираните за рекреативно пешачење ќе ја откријат патеката Чоколско која е на дофат на Трпејца а е дел од Националниот парк „Галичица“.

Во вечерниот термин од 20 часот ќе гостува поп групата „Броз“ која до пред пандемијата од Ковид – 19 ги полнеше кафетериите при секој свој настап во Охрид.

И викендов што остана зад нас во одлично посетената Трпејца од туристи,почитувајќи ги сите мерки за заштита од короната организаторот на културно – забавното лето понуди интересни содржини.

Петтата вечер, во петокот помина во знакот на класичната музика и театарот. На брегот крај езерото за трпејчани и гостите, а подоцна и на фестивалската сцена настапија: Леона Неделкоска (флејта), Наум Палоски (кларинет) и Андреј Пувтоски (хармоника) обајцата од Пештани. Со два раскази и една народна приказна веднаш потоа се претстави Театарската работилница предводена од актерката составена од деца летувалци и деца од Трпејца.

Ден потоа се одржа забавно-рекреативниот настан ,,Фаќаме риба на јадица”, а вечерта мина во знакот на Концертот на евергрин музука со Емилија Маринова и Јане Тодороски.

Емилија и Јане со овации беа испратени од страна на публиката и два биса, како доказ за прекрасниот флуид и штимунг на сцената и меѓу публиката.

Вчера се одржа традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“ како потсетување на славното време на Кајакарскиот клуб „Рибар“ од Трпејца. Вечерта на сцената Кај бунарот помина во знакот на творештвото на македонскиот писател, новинар, публицист и хроничар Данило Коцевски. Неговата ќерка – новинарката Јана Коцевска и актерката Марија Кондовска потсетија на неговите раскази од книгата „патување за Аркашон“ во која Данило Коцевски има објавено неколку раскази сврзани со Трпејца и трпејчани. -Тоа ни дава за право да кажеме дека Коцевски освен што е хроничар на Скопје ( патем настанот се поклопи со 57 годишнината од скопскиот земјотрес ) дека Данило е хроничар и на Трпејца , рече Јана Коцевска. Синоќа пред нова публика репризно беше прикажана репортажата „Трпејца на дланка“ премиерно прикажана во средата.

Деветтото „На зајдисонце“ утревечер ќе биде заокружено со настапот на анасамблот „Билјана“ и изложбата на слики од минатогодишната Втора меѓународна ликовна колонија одржана во Трпејца а во организација на Здружението „За Трпејца со љубов“.

Годинашното ,,На зајдисонце” е под покровителство на Општина Охрид, финансиски поддржано од Министерството за култура и од Делегацијата на ЕУ во Скопје.