Нов Зеланд го укинува првиот закон во светот за забрана на продажба на тутун за идните генерации, објави владата, иако научниците и активистите предупредуваат дека одлуката може да предизвика повеќе смртни случаи од пушење.

Новите правила требаше да стапат на сила во јули. Тоа е најстрогиот закон против тутун во светот, со кој требаше да се забрани продажба на цигари на сите родени по 1 јануари 2009 година, да се намали содржината на никотин во тутунските производи и бројот на продавачи на тутун за повеќе од 90 проценти.

Новата коалициска влада избрана во октомври потврди дека во вторник ќе го укине законот по итна постапка, што ќе и овозможи да ја заобиколи јавната расправа, согласно претходно најавените планови.

Помошникот министер за здравство Кејси Костело рече дека коалициската влада е посветена на намалување на пушењето, но презеде поинаков регулаторен пристап за да ја обесхрабри оваа навика и да ја намали штетата што ја предизвикува.

„Наскоро ќе донесам до Кабинетот пакет мерки за зголемување на достапните алатки за да им се помогне на луѓето да се откажат од пушењето“, рече Костело.