-Јас се надевам дека Косово и Србија ќе ги смират односите бидејќи тоа е многу важно за нас. Како министер за надворешни работи, како иден претседател најважна работа ми е безбедноста на државата и на граѓаните. Ако нема мир и безбедност во регионот, нема да има безбедност и кај нас. Затоа ми е исклучително важно да се затвори тоа прашање со меѓусебно признавање и сите држави од регионот да станат членки на ЕУ. Тоа е предуслов за да и ние имаме предвидливост, мир, стабилност итн. И ќе поддржам секоја иницијатива за затворање на тој спор, а позицијата на државата е дека треба да има меѓусебно признавање меѓу двете држави и европска иднина.
Во однос на коспонзорството за резолуцијата за геноцидот во Сребреница во ОН и реакциите што ги предизвика особено во Србија, и прашан дали ова ни е потребно со оглед дека според анкетите македонските граѓани гледаат најголем пријател во Србија, Османи вели дека е шокиран оти се дебатира за ова прашање.
– Јас сум шокиран од реакциите. Тоа е како Германија да реагира затоа што ние го осудуваме тоа што се случи во холокаустот. Тоа е како да кажам да ние анализираме дали ќе се нарушат односите врз основа на тоа дали се осудува или не геноцидот. Што зборуваме? Дали се слушаме што зборуваме? Осудуваме геноцид, убиство на осум илјади цивили во еден ден. Зар ќе правиме дебата во оваа држава дали е тоа добро или лошо, дали требало да се прави или не, дали треба да се осуди или не. Каква е таа дебата? Јас сум шокиран. Јас очекував Србија прва таа да гласа за да го тргне тоа бреме од себе. Не смееме да дозволиме, не смееме да имаме прашање за тоа дали размислуваме за односите помеѓу државите врз основа на тоа како го оценуваме геноцидот. Па зар ние како држава уште имаме дилеми дали осудуваме геноцид или не. Тоа не е прашање на односи, тоа е универзална човечка должност да осудите, одговори Османи.
По однос на реакцијата на министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ, зошто ние ја покренуваме оваа резолуција, Османи вели дека потегот е втемелен на тоа што ние сме држава која што промовира толеранција и меѓуетничка хармонија.
-Ние станавме пример во регионот и пошироко што значи функционална мултиетничка демократија, што значи да живееме, да работиме заедно за една цел и ако ние тоа не го промовираме кој друг ќе го промовира. Секаде каде што има судска одлука ние тоа ќе го осудиме. За Сребреница има судска одлука на Меѓународниот суд на правда којашто вели таму се случил геноцид. Нема разговор после тоа. Навистина сакам да ги сретнам тие луѓе физички коишто ми велат зошто осудивме геноцид. Каква е таа дебата, каков е тој дијалог? Не смееме ниту да го дозволиме тоа. Исто како да кажеме зошто го осудуваме холокаустот. Не го осудуваме ние холокаустот, ниту српскиот народ, ниту Србија. Има конкретни одлуки од страна на Трибуналот, тие луѓе се осудени и тие не смееме да ги глорифицираме. Не смееме да го одрекуваме, кажа Османи.
Порано неделава, Османи изјави дека како министер за надворешни лично одлучил државава да биде една од земјите иницијатори и автори на резолуцијата за геноцидот во Сребреница.
Република Северна Македонија, како што кажа, е меѓу 17 држави заедно со САД, Германија, Италија, Велика Британија кои ја коспонзорираат резолуцијата на Обединетите нации за прогласување на 11 јули за меѓународен ден за сеќавање на геноцидот во Сребреница од 1995 година. Консултациите за нацрт резолуцијата која се покренува во пресрет на одбележување 30 години наредната година, започнаа на 17 април во ОН, а за неа ќе се одлучува на Гебералното собрание на светслата организација на 2 мај.