Денес во општина Гази Баба свечено беше пуштен во употреба Културниот центар „Димитар Влахов“, во кој ќе функционира културен дом, библиотека и најсовремено музичко студио за снимање на филмска музика на компанијата Феимс од Франција.

Културниот центар е направен по пат на Јавно приватно партнерство, помеѓу општина Гази Баба и француската компанија Феимс.

На свеченото отворање присуствуваа амбасадорот на Република Франција во Република Македонија Н.Е. Кристијан Тимоние, министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, преставниците на компанијата Феимс, членови на Советот на општина Гази Баба и жители на општината.

Одличната соработка на општината со компанијата Феимс резултираше со нова голема инвестиција во Гази Баба и изградба на нов, современ културен центар во Автокоманда.

Пред присутните гости се обратија: Амбасадорот на Република Франција во Република Македонија Н.Е. Кристијан Тимоние, министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, преставниците на компанијата Феимс и градоначалникот Борис Георгиевски кој рече:      – „Особено сум горд што денес на светскиот  Ден на театарот, токму од тука, од местото каде се наоѓаше стариот Дом на култура, можам  да ви се обратам од новите простории, кои сега ќе ги користат граѓаните од општината како  дом на култура „Димитар Влахов“.

Со овој проект започнува децентрализацијата во Република Македонија на културата.  Општина Гази Баба е прва општина која ја реализира децентрализацијата во делот на културата и со тоа ќе бидеме пример за другите општини.

Сакам да најавам дека преку оваа форма на соработка, со Јавно приватно партнерство, во план ни е да ги уредиме и обновиме и другите два дома на култура во општината“.

По завршувањето на официјалниот дел, присутните имаа можност да го разгледаат културниот центар и по повод 27 – ми април, Меѓународниот Ден на театарот, да ја проследат театарската претстава „Островот на скриеното богатствао“, во изведба на аматерскиот театар „Чекори“.