Кина го сомничи довчерашниот претседател на Интерпол, Менг Хонгвеи за корупција. Нему му се изгуби секаква трага по пристигнувањето во Пекинг пред две недели.

Властите во Пекинг соопштија денеска дека кинескиот чиновник  Менг Хонгвеи, кој поднесе оставка на чело на Интерпол, е под истрага дека примал мито. Менг „примал поткуп и е осомничен дека го прекршил законот“, се наведува во соопштението на Министерството за јавна безбедност. Деталите за случајот не се наведуваат, а соопштението е издадено неколку часа откако меѓународната полициска организација Интерпол ја објави оставката на Менг на функцијата претседател на извршниот комитет, без наведување на причината.

Менг е заменик на кинескиот министер за јавна безбедност. Неговата сопруга Грејс Менг во петокот изјави оти не се слушнала со него откако на крајот на септември отпатувал во Кина. Оттогаш не се знае каде е и што се случува со него.

Дисциплинското тело на кинеската владеачка Комунистичка парија на Кина (КПК) соопшти вчера дека Менг е под истрага на кинеската антикорупциска служба. Интерпол, меѓународната полициска организација со седиште во Лион, соопшти оти потпретседателот на извршниот комитет, Јужнокореецот Ким Јонг Јанг, ќе ја врши должноста претседател.