Американско министерство за одбрана, односно Пентагон, денес потврди дека сликите и видеото кои излегле во 2019тата година од таканаречените „неидентификувани воздушни феномени“ се легитимни. Во изјава за CNN, портпаролката на Пентагон, Сју Гоф кажа дека фотографиите и видеата на објекти во форма на триаголник што трепкаат и се движат низ облаците беа снимени од персоналот на морнарицата.

Таа потврди дека и неколку други спорни фотографии се исто така легитимни. Односно фотографиите од три неидентификувани летечки објекти — еден во облик на „сфера“, друг во облик на „желад“ и трет кој изгледа како „метален блимп“ — исто така се направени од персоналот на морнарицата.

Сју Гоф сепак додаде дека Пентагон не може да ги даде сите информации во врска со ова до јавноста „за да се одржи на безбедноста во работењето и да се избегне откривање информации што можат да бидат корисни за потенцијалните противници“.

Ваквите феномени често ја фасцинираат јавноста бидејќи немаат веднаш јасни одговори. Односно често различни групи на луѓе пробувале да измислат теории за што всушност се овие феномени, често стигнувајќи до теории за вонземни суштества. Добар пример за ваков објект кој го грабна вниманието на јавноста, особено тие што го користат интернетот е монолитот кој се најде во Јута, САД во ноември, 2020. Монолитот кој беше 3.7 метри долг беше најден во Сан Хуан Каунти на 18ти ноември, 2020 од страна на хеликоптерски тим. Една од причините зошто овој монолит доби толку внимание е бидејќи личеше на монолитот од познатиот science fiction филм на Стенли Кјубрик Одисеја 2001. Кога надлежните институции решија да го тргнат овој објект, монолитот едноставно го снема следниот ден, на 27ти ноември, 2020.

Кога го снема монолитот во Јута, слични објекти се појавија на уште три локации во Калифорнија, Романија и Њу Мексико. Колку и да се фасцинантни овие објекти за дел од јавноста, сепак консензусот е дека монолитите беа уметнички дела направени од луѓе. За сега не постојат докази за било каква појава на вонземјани на нашата планета.

Но, портпаролката на Пентагон, Сју Гоф кажа дека во август, 2020 е формирана Unidentified Aerial Phenomena Task Force чија задача е да се истражат неидентификувани воздушни феномени. Исто така разознавачките агенции во САД ќе ги декласифицираат нивните истражувања околу неидентификувани воздушни феномени во Јуни оваа година што ќе значи дека јавноста ќе може да добие барем некакви одговори на прашања кои до сега не биле до крај јасни.