Рускиот претседател Владимир Путин лично дал наредба да биде срушен патничкиот авион, за кој стигнал извештај дека носи бомба, која треба да биде активирана на отворањето на Зимските олимписки игри во Сочи. Во документарниот филм под наслов „Путин“, рускиот претседател во интервју со новинарот Андреј Кондрашов, откри дека на 7 февруари 2014 година, примил дојава од безбедносните служби одговорни за ЗОИ во Сочи, дека постои киднапиран патнички авион.

„Ми беше кажано: Авионот кој леташе од Украина за Истанбул е киднапиран, а киднаперите бараат да слетаат во Сочи“, открива Путин во документарецот.

Пилотите на турската компанија „Пегасус“ во авионот од типот Боинг 737-800, пријавиле дека еден од патниците се заканил дека има бомба и дека мора да биде променет курсот кон Сочи. Во авионот имало 110 патници, додека на церемонијата на Отворањето на Игрите присуствуваа 40.000 луѓе.

Во таква ситуација, Путин побарал совет од безбедносните структури, кои го советувале дека во вонредни ситуации е предвидено и СОБОРУВАЊЕ НА АВИОНОТ.

 „Им реков: Постапете во согласност со планот“, открива Путин, кој непосредно потоа стигнал на стадионот за време на церемонијата на отворањето на ЗОИ 2014.

За среќа, неколку минути подоцна, Путин добил уште еден повик во кој го известиле дека се работи за лажен аларм и дека патникот кој се заканувал со бомбата бил пијан, па авионот продолжил да лета кон Истанбул и да слета безбедно.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Пешков потврди дека излагањата во документарецот се веродостојни и точни.