Ракометарите на Алкалоид ја запишаа третата победа по ред и го оставија зад себе периодот на неуспеси кој во март им донесе порази од Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер. Екипата на Кирил Лазаров јас совлада единствената екипа без победа во плеј-офот, Струга, со 35-20 (15-10) . За одбележување е враќањето на терен на Кристијан Симоноски кој го одигра својот прв меч сезонава и постигна пет гола.

Дуелот започна израмнето и по три изедначувања на резултатот, браќата Митеви и Стојковиќ го оддалечија Алкаоид на 5-3, па на 9-6. Со комотна предност вицешампионот го приведе првиот дел кон крај со предност од 15-10.

„Сините“ одлично го почнаа вториот дел и со серија 6-1 дојдоа до двоцифрена предност. При 21-11 веќе беше јасно кој ќе извојува победа и до крајот шанса добија сите ракометари. Алкалоид извојува финална победа од 35-20.

Најефикасни кај Алкалоид беа Дамјан Митев со седум, Симоновски со пет и Младеновиќ и Стојковиќ со по четири гола, додека во тимот на Струга се истакнаа Филип Симоновски со шест погодоци. На четири кола до крајот на шампионатот, Алкалоид има реални шанси за излез во Европа, но ќе му треба чудо за пласман на едно од првите две места.