Работам во угостителство од мои 18год. Жена сум која ја љуби својата избрана професија, жена која од почеток на кризата до ден денес поминува најмалку 8 саати со маска на лице.

Мојата маска не ја носам поради должност и закони, ја носам поради фактот дека еднаш сум се разбудила со респиратор во грло и тоа искуство не го посакувам никому.
Успевам досега да се чувам, секојдневно се грижам и за моите помлади колеги па така сите со својата одговорност остануваме здрави.

Дезинфицираме се, од маси до прибор за храна, рацете нон стоп ги гориме со 70% алкохол, машината за садови ни е подесена на над 80 степени, внимаваме на гостите повеќе од што внимаваме на себе. Не дозволуваме повеќе од 4 лица на маса, музика скоро и да нема, пазиме на дистанца помеѓу маси.

Без исклучок ги коментираме мастиките по пепелници, изгризаните лажички за кафе и салфетите оставени на места каде што мораме со рака да ги отстраниме. Внимаваме како се поздравуваме, внимаваме како дишеме…

Сепак, утре повторно ќе ни ја одземат можноста да работиме и заработуваме нормално. Ќе ни пишат нови правила пошто што, тоа се само кафани..

Ако некој со некого седнал на иста маса без маска и без присилба, ќе го прави тоа и дома.
Имав своја кафана во време на војна, имав и во време на промени, нови закони како законот за пушење, вака никогаш не било. Угостителството не било во полоша состојба во изминативе 27 години.

И секако прашањето кое ме мачи. Ако економски не е издржливо да се стави цела држава во карантин, зошто ударот да го трпат само одредени економски субјекти?

Не се грижете, децата ќе ви седат по паркови со пива и вина купени во првата продавничка. Ќе доаѓаат дома настинати а вие на секое нивно кашлање ќе мислите на ковид.

 

ФБ статус на Софи Скендеровска