На прашањето дали се задоволни од понудената мерка на Владата да даде поддршка во висина од 9.000 денари или бруто-плата од 14.500 денари, 95% од угостителите одговориле дека не се задоволни, а само 5% дека се задоволни, покажа истражувањето на Туристичко-угостителската комора за состојбата со која се соочуваат угостителите во изминатиот период од почетокот на здравствено-економската криза, како и за мерките кои се преземаат од Владата за ублажување на последиците во секторот.

Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко-угостителската комора, истакна дека во истражувањето учествуваа мали и средни претпријатија од сите градови во земјата.

„Генералната слика е дека угостителите трпат големи штети од пандемијата, тешко ја пребродуваат кризата со понудениот пакет економски мерки, а голем дел од нив нема да се во можност во целост да започнат со работа и по олабавување на мерките и можноста да ги отворат своите капацитети.

По однос на тоа дали угостителите се подготвени да почнат со работа со половина од расположивите капацитети, односно според најавата со скратено работно време и ограничен простор за работа, 59% одговориле потврдно дека се подготвени, додека 41% дека не се подготвени за делумно функционирање.

„На прашањето дали се информирани за безбедносните мерки кои треба да ги применат при почнување со работа, а поврзани со превенција на вработените и гостите од Ковид-19, вкупно 78 % одговориле дека до сега не добиле, односно немаат информации за посебни безбедносни мерки за работа, а 22% одговориле потврдно“, изјави Ангеловски.

90% од угостителите одговориле дека за нив не е прифатливо што обврската по однос на ДДВ не е одложена за период од 6 месеци, по завршување на кризата.

93% од угостителите одговориле дека не се задоволни од тоа што нема мерка за одложувањето на плаќање на режиските трошоци, струја, вода, комуналии.

Воедно 70% од угостителите одговориле дека очекуваат дополнителна финансиска поддршка од страна на Владата по започнување со работа.

На прашањето дали Владата треба да преземе мерки во однос на подигнување на свеста на посетителите на угостителските објекти дека се преземени сите неопходни мерки за заштита и безбедност, 69% сметаат дека Владата треба да спроведе кампања со прецизни инструкции за заштита на вработените и гостите од Ковид-19.

Како резултат на моменталната состојба на пазарот и мерките кои се преземени, 60% од угостителите би продолжиле со работа со истата дејност, а 40% се изјасниле негативно.