Во украинскиот напад на воениот аеродром на Крим вчера сериозно се оштетени четири ракетни фрлачи, три радарски станици и друга опрема, соопшти украинската воена разузнавачка агенција.

Четири ракетни фрлачи земја-воздух „С-400“ и контролен пункт за воздушна одбрана стациониран во воздухопловната база Џанкој се меѓу опремата што е „уништена или критично оштетена“, објави агенцијата на „Телеграм“, пренесе „Ројтерс“.

Агенцијата додава дека во нападот биле уништени или оштетени и голем број авиони. На неколку сметки на каналот „Телеграм“ вчера се појави информација за силна експлозија во Џанкој. „Ројтерс“ не можеше да ги потврди наводите, а Русија официјално не ги коментира.

Украинската агенција не даде информации за тоа какви средства се употребени за нападот, кој го опиша како успешен.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претходно ѝ се заблагодари на армијата за прецизноста вклучена во операцијата.