Намалената сексуална желба, позната како губење на либидото, е чест проблем. Оваа состојба не секогаш укажува на посериозен проблем.

Меѓутоа, кога има неочекувано и трајно губење на либидото, вреди да се истражат причините што може да стојат зад тоа. Ова се факторите кои можат да стојат зад промената на сексуалната желба.

Промени во рутината и фазите од животот

Намалувањето на либидото може да се појави од едноставни причини кои сите ги доживуваме во одреден момент, како што се стрес, замор, промени во рутината и периоди кога други активности одземаат време кое инаку би било посветено на сексуална активност, како што е грижата за децата.

– Ова не мора да значи нарушување. Се додека постои сексуална сатисфакција, ова намалување не е нужно патолошко – вели Катарина де Мораеса.

Промени во менталното здравје

Депресијата и анксиозноста можат значително да влијаат на сексуалната желба.

– Пациентите со депресија може да доживеат намалена желба поради хемиски дисбаланс во мозокот, вклучително и промени во хормоните серотонин и допамин, кои се однесуваат на расположението и чувството на награда и задоволство – објаснува психијатарот.

Во овие случаи, лекувањето на состојбата може да ја подобри желбата и, следствено, сексуалната функција.

Хормонални промени

Доколку пациентот нема нарушувања на менталното здравје или рутински промени кои го оправдуваат намаленото либидо, следниот чекор е да се испитаат хормоналните промени.

Естрогенот кај жените и тестостеронот кај мажите се главните регулатори на либидото и сексуалната активност, објаснува Каролин Кастро, ендокринолог во болницата Сао Камило.

– Кај мажите, на пример, не само што проценуваме дали нивото на тестостерон е ниско, туку ја испитуваме и медицинската историја за да видиме дали можеби има други основни состојби зад хормоналната промена.

Лекарите ги посочуваат состојбите како бременост, постпородување, доење и дебелина како можни причини, како и други кои исто така го менуваат нивото на хормоните.

Невролошки заболувања

Болестите како мултиплекс склероза, Паркинсоновата болест, повредите на ‘рбетниот мозок или периферната невропатија, исто така, можат да влијаат на функцијата на нервите кои го контролираат сексуалниот одговор, што доведува до тешкотии при постигнување или одржување на ерекција, достигнување оргазам или сексуална возбуда.

Дијабетесот, предизвикувајќи хормонални промени, може да предизвика и намалување на желбата. Покрај тоа, состојбата предизвикува замор и невропатија, нарушување во кое нервите се оштетени. Ова може да доведе до губење на чувствителноста и нарушена сексуална функција, што индиректно влијае на либидото.

Луѓето со срцеви проблеми, како што е срцева слабост, може да доживеат хроничен замор поради намалената способност на срцето ефикасно да пумпа крв. Овој постојан замор може да ја намали сексуалната желба. Покрај тоа, некои лекови кои се користат за лекување на срцеви заболувања може да имаат несакани ефекти кои влијаат на сексуалниот интерес.