Да реагирав на твитер ќе речев „ем лажго – ем плачко“. Навистина е срамно кога офицер во една армија може да си дозволи да испраќа пораки со закана до кој било, а камоли на началник на Генералштабот, првиот човек во Армијата, особено кога тие закани го претставуваат Ковачки со вистинската слика, како партиски војник. Да пишете, „долга е раката на ВМРО“ од еден старешина на друг старешина, би било срамно дури и на пониско ниво, а камоли од еден полковник на еден генерал и началник, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со дисциплинската мерка која е преземена против него.

Шекеринска, која денеска изврши обиколка на реновираниот објект на армиската Гарда и на Баталјонот за поддршка на Генералштабот и гарнизонот Скопје во касарната „Илинден“ додаде дека полковникот Ковачки има проблем да разбере и да реши дали ќе ја носи партиската униформа со која што дава закани или ќе продолжи да ја носи војничката униформа.

-Тој покажува и големи познавања на законот што можеби по законот што се однесува на неговата служба во Армијата, што можеби и не треба да не чуди, бидејќи дозволи да го пуштат низ вода како кандидат на една функција која согласно Уставот немаше да може да ја врши. Сега повторно покажува непознавање, дека според законот, точно е познато кој и какви одлуки може да носи, изјави Шекеринска.

Министерката за одбрана истакна дека воено дисциплинската комисија на Армијата која што е централна единица за вакви случаи, до неа доставила предлог во кој се вели дека треба да го изгуби чинот и работата.

-И најверојатно во многу држави кога еден полковник ќе му се заканува на началникот на Генералштабот и тоа со силен партиски речник тоа и би требало да се случи. Меѓутоа сметав дека тоа само ќе му даде шанса на истиов човек што година дена се прави жртва да продолжи тоа да го прави, додаде Шекеринска.