Во Прилеп го искажуваме нашиот восхит од херојството на нашите борци кои на 11 октомври 1941-та го означија почетокот на нашата битка за слободна и самостојна Република Македонија, рече канидатот за претседател на партијата „ГРОМ“, Стевче Јакимовски од Могилата на непобедените во Прилеп.

-За восхите е, тогаш, да се подигнеш против Третиот рајх, против оската Рим, Токио, Берлин, да се кренеш против бугарскиот фашистички окупатор и без посредство на масовни медиуми да застанеш на вистинската страна на историјата, и како резултат на таа наша херојска борба, на Првото заседание на АСНОМ да ги удриш темелите на современата македонска држава и да го исполниш вековниот идеал на Илинденците и на сите оние кои ги положиле животите за македонската држава. За жал имаше меѓу нас кои АСНОМ го избришаа од Уставот и, практично, и денеска продолжуваат со разнишување на темелите на македонската држава и со нејзино обезличување, како и со насоки како Македонците конечно да бидат исфлени од Уставот на Република Македонија, рече Јакимовски.

Како иден претседател и врховен командант на оружените сили Јакимовски рече дека живееме во тешко време, обременето со војни кои може да се прошират на европско тло. Упати апел за подготовка на земјата за виорно време со набавка на оружје муниција, производство и складирање храна. Многу е битно кој ќе биде врховен командант.

-На 1 200 километри јужно од нас и на 1 200 километри воздушна линија северно од нас се одвивааат страшни војни. Тоа јасно покажува дека живееме во тешко време и многу е битно кој ќе биде врховен командант на оружените сили на Република Македонија, зашто за многу кратко време може да се случи да влеземе во страшна војна, зашто во 2013 година на тлото на Европа, НАТО немаше ниту еден тенк, денеска се преку 3000 тенкови. Тоа јасно покажува дека може Македонија, и цела Европа, да ја зафати воен вител и ние мора да бидеме максимално одговорни. Мојот апел како иден претседател на Република Македонија е: итно да се набавуваат оружје и муниција, итно да се зголемат сточниот фонд, производството на храна, да работи конзервната индустрија, да се обезбеди храна за живината и за целата стока. Ако дојде до сериозна војна на тлото на Европа, тоа значи дека ќе бидат затворени сите граници, ќе се запре извозот од секоја држава и ќе дојдеме во многу слична ситуација како онаа кога беше ковид-кризата. Одговорни субјекти, одговорен претседател на Република Македонија мора да ги има предвид сите овие аспекти и мора државата да ја подготви за евентуално најлошото сценарио. Ваквите стимулации за производство на храна, житарки, за подигање на сточниот фонд мора да траат се додека не завршат овие опасности од воен вител, изјави Јакимовски.

Меѓу другото кандидатот за претседател на ГРОМ, Стевче Јакимовски се залага да нема влез на Бугарите во Уставот без комплетно затворање на „бугарското прашање“, а во државата се неопходни реформи.

-Ние не прифаќаме да разговараме за идентитетот и за јазикот, а за историските личности ќе си кажат историчарите. Исто така, сметам дека во Македонија мора да се направат неколку клучни реформи: во образованието, во здравството, во државната администрација, рече Јакимовски од Могилата на непобедените во Прилеп.