„Најголема штета се прави на Македонија, ако не се излегува да се гласа“.

Ова го изјави денеска непосредно по гласањето кандидатот за претседател на државата на коалицијата „Храбро за Македонија“ и лидер на ГРОМ – Стевчо Јакимовски.

– Многу сум среќен што денеска гласаме за наш претседател, ниту за српски, ниту за бугарски, ниту за грчки претседател. Вечна слава нека им е на асномците коишто ги удрија темелите на современата македонска држава и го остварија вековниот идеал на македонскиот народ – нагласи тој.

Точно е дека оваа држава не е совршена, додаде тој, но, подвлече, сите сме одговорни за тоа каква држава имаме, и „ние што бираме и тие што се бирани на функциите“.

Јакимовски апелираше да се излезе на гласање.

– Најголема штета се прави на Македонија, ако не се излегува да се гласа. И втората замолница е да се излезе да се гласа „за“, а не „против“, рече Јакимовски.

Подвлече дека секогаш кога гласаме „против“ некого, секогаш „правиме грешки и тие грешки повторно се на штета на државата“.