„Насилното носење на неуставниот закон за двојазичност и евентуалното одземање на пратеничкото право на амандманска расправа е сериозен удар врз демократијата и преседан, кој во иднина може да има долгорочни последици.

Насилното туркање на законот за двојазичност не е поврзано со никакви реформи, туку е поврзано со хипотеките што Зоран Заев ги влече од предизборието и непринципиелно обезбедената поддршка само за да се дограби и задржи на власт.

Претседателот Христијан Мицкоски во повеќе наврати апелираше да надвладее разумот и штетниот закон да биде повлечен, а наместо него да се даде приоритет на реформските закони. Тоа ќе беше вистински конструктивен потег кој ќе покажеше дека декларативните заложби за членство во ЕУ и НАТО не се само мртво слово на хартија.

СДСМ го креираше овој неуставен закон. Сега истиот им е поставен како уцена за да се одржат на власт и затоа бегаат како ѓавол од темјан од амандманска расправа. Повторно се подготвени да погазат и закони, Деловник и Устав само за да задржат власт и фотелја.

СДСМ е во очај и затоа има потреба да лаже. ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во носење на законот за двојазичност, ниту во неговото креирање, за што впрочем говорат амандманите кои ги поднесовме.

За овој закон немаше никаква дебата и секоја издржана критика од страна на уставните експерти во државата и пред се на јавноста, СДСМ не ја зеде во предвид. На сила, спротивно на демократските принципи, сега повторно сака да го истурка. Впрочем експертите, а не само ВМРО-ДПМНЕ, говорат дека овој закон не само што е противуставен, туку не е ниту во согласност со Рамковниот договор и директно задира во унитарниот карактер на државата и на позицијата на македонскиот јазик

За овој закон не беше консултирана ниту Венецијанската комисија пред нејзиното носење, иако СДСМ ветуваше пред граѓаните дека тоа ќе го направи.

За овој закон СДСМ неоправдано користи европско знаме со цел шверцерски да го протурка, иако и европските амбасадори и авторитети јасно кажуваат дека овој закон нема никаква врска со реформите кои се бараат од нашата земја.

СДСМ лажеше цело време, лаже и сега во своето соопштение.

На крајот на краиштата, никакви реформи не се загрозени во Собранието, туку напротив Собранието може секој ден да става на седница вистински реформски закони за вистинските потреби на граѓаните и за тоа ја има поддршката од ВМРО-ДПМНЕ. Доколку СДСМ и Заев се уценети со носењето на овој закон, ВМРО-ДПМНЕ јасно им упатува порака уште еднаш дека ќе ги поддржуваме сите реформски закони и ќе дадеме поддршка владата на Заев да остане само овој неуставен закон да не биде изгласан.

Секој закон, а посебно вака чувствителен најпрво треба да помине низ поширока јавна дебата во која граѓаните, стручната јавност, експертите и политичките чинители ќе изградат консензус за вака сериозни прашања“ се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.