Секретарот за меѓународна соработка на СДСМ и кандидат за пратеник на Коалицијата за европска иднина, Бојан Маричиќ, пред граѓаните на општина Аеродром и на јавноста уште еднаш ја повтори огромната промена што ја содржи програмата на оваа партија дека државните енергетски компании ги даваме во рацете на граѓанните, таму каде што и припаѓаат.

„Граѓаните стануваат акционери на енергетски компании. Висок процент од вкупниот број на акции во енергетските компании ќе се поделат еднакво на сите граѓани, сите граѓани вклучително и децата ќе добијат по најмалку 8.000 денари од вредноста на енергетските компании и до 500 евра за едно четиричлено семејство“, истакна Маричиќ.

Тој нагласи дека СДСМ и Коалицијата го задржуваат фокусот на грижата за граѓаните и една од најдобрите придобивки за нив ќе продолжи да се применува и во наредните четири години.

„Ќе ја задржиме евтината струја во наредните четири години, а за 100% ќе ги зголемиме капацитетите на обновливите извори на енергија и со тоа ќе дојдеме до 60% од вкупната потрошувачка во државата“, потенцираше Маричиќ.

Северна Македонија ги следи добрите практики на ЕУ и Европскиот зелен договор, а тоа значи до 2050 година да нема штетни гасови од фосилни горива.

„Затоа им пречи на ВМРО – ДПМНЕ нашата програма. Нема да има нови мали хидроелектрани од кои што прават профит токму тие. Особено во заштитените подрачја и националните паркови“, посочи Маричиќ.

На митингот во Аеродром, Маричиќ на граѓаните им се обрати заедно со претседателката на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова и вниманието на нивните поенти беше насочено кон здравата животна средина

„Нашата визија е зелена Македонија како здрава животна средина за граѓаните. Чиста вода за пиење во секое населено место, одржливо управување со отпад и расчистување на дивите депонии кои им сметаат на сите граѓани. Пречистување на отпадните води за здрава почва за здрава храна, здрав живот и здрава Македонија“, истакна Секретаротот за меѓународна соработка на СДСМ и кандидат за пратеник на Коалицијата за европска иднина, Бојан Маричиќ, пред граѓаните на општина Аеродром.

Во оваа прилика Маричиќ го честиташе роденденот на СДСМ и порача:

„Роденден не се слави сам, роденден се слави со пријатели, блиски и коалициони партнери. Затоа СДСМ е голема партија не само заради својата силна волја, јасна идеологија и многубројно членство“, рече Маричиќ и додаде дека прославата на роденденот на СДСМ во изборна кампања е мотив повеќе.

„Нема да престанеме да се бориме, да не се откажеме никогаш, не мотивира да ги победиме како што ќе ги победиме. Европска Македонија, европски животен стандард, европски напредок, европска младина, европска иднина. Против тоа не можат и тоа не можат да го победат. И затоа најсилниот одговор ќе им го дадеме на 24 април и на 8 мај“, нагласи Маричиќ на митингот во Аеродром.