Македонско научно друштво-Битола приреди промоција на јубилејна монографија посветена на академскиот сликар Борислав Траиковски со што беше одбележана 100 годишнината од неговото раѓање, како и богатото ликовно творештво на Траиковски.

Борислав Траиковски е еден од најзначајните повоени претставници на македонската модерна уметност, нагласи промоторот на монографијата „Борислав Траиковски“, историчарот Љубен Пауновски.

-Траиковски припаѓа на една генерација во македонската култура и уметност која понесе многу голем товар за да го формира и докаже креативниот карактер на еден народ. Траиковски е во врвот на македонската ликовна уметност и неговото творештво успеа да проговори за многу суштински прашања што го преокупираат човекот и животот. Издавањето на монографијата е значајно во пошироки размери за македонската култура и за нејзината комуникација со светската култура, рече Пауновски промотор автор на текстот во монографијата.

Во изданието поместени се околу 300 слики кои содржински и квалитативно го изразуваат животот и професионалниот развој на Траиковски и овозможуваат Битола да биде препознатлива на сликарската мапа во Европа и светот, посочи авторот на проектот Никола Главинче. Според ликовниот уметник Димитар Кочевски-Мичо, ако имаше можност пред 100 години да се одржи едентична промоција за монографија како денешната, тогаш ние македонците ќе бевме уште побогати и порамноправни со европјаните.

Издавањето на монографијата „Борислав Траиковски“ беше поддржано од Министерството за култура и е составен дел на националната програма на Министерството за култура, посочи Марјан Танушевски, претседател на МНД-Битола, издавач на монографијата.