Денес, човештвото ширум светот страда од повеќедимензионални кризи. Се соочуваме со тероризам, негирање на човековите права, економска нееднаквост, расна дискриминација, идеолошки екстремизам, верска нетолеранција, национализам, социјална неправда, сиромаштија, угнетување на послабите од моќните и богатите и сл.

Живееме во доба извалкана од суровост, тортура, конфликти и насилство, како наметнати неволји кои треба да се искоренат.

Конфликтите на сите страни од светот ги загрозуваат животите, го спречуваат развојот и го рушат стремежот кон благосостојба на милијарди луѓе. Светот во моментов се соочува со милиони бегалци, инфлација, нестабилност и страдање насекаде.

Се убиваме поради желбата за моќ, богатства, идеолошки разлики и суета. Течат реки од крв и солзи насекаде, се сее смрт, се уништуваме и живееме во беда.

Идеолошкиот екстремизам, религиозниот авторитаризам, национализмот и империјалистичката тенденција доведуваат до нетолеранција и фанатизам, и ја одземаат способноста на луѓето да се вклучат во дијалог. Додека трагачите по мир се расправаат за подготвеноста да се разговара, милитаристичките сејачи на злото уништуваат се околу нас.

Степенот на нетолеранција на секаков вид на соживот и неподготвеност за компромис е неизмерно голем денес. Речиси сигурното пролонгирање на израелско – палестинскиот конфликт, како и руско – украинската војна ќе биде силен ветер во грбот за други нетрпеливости и судири низ светот и создавање на верижна рефлексија на негативни настани. Катастрофите во реалноста ќе преминат во катастрофа на самата реалност.

Живееме во многу клучна доба, кога конфронтирачката определба за спротивставување на силата повеќе од кога и да е последните седум децении треба да се замени со политика на ненасилен дијалог. Обично почнуваме да размислуваме за мирот во моментот кога истиот го губиме. Мирот во светот е нешто за што не размислуваме на глобално ниво секој ден. Неговата важност ја разбираме единствено кога немирот доаѓа недалеку од нас и почнува директно да не загрозува. Тоа е универзална вредност што сите ние треба да ја браниме и негуваме. Ние сме во ера на глобални предизвици и само заедно, цврсто посветени на демократските вредности можеме да создадеме општества без насилства и конфликти. Ниту едно општество не треба да биде изложено на терор и страдање. Мирот е бесценета вредност и од исклучива важност е да го сочуваме. Не само во нашата непосредна околина, туку и низ целиот свет.

Основата на се, е пронаоѓањето на внатрешниот мир од страна на секој човек. Преку всадување на доблести како сочувство, умереност, скромност, простување и љубов, од најмали години, го надминуваме егоизмот во себе и креираме мирни и добронамерни меѓучовечки односи со останатите. Ваквиот личен мир, иако е пред сериозни искушенија, особено во земјите кои се во прегратките на индустриската консумеристичка култура, брзиот живот и континуираните промени во општествено – политичките и економски состојби, е особено важно да опстои. Да изнајдеме сила за човечноста во себе и да бидеме примерот кој се следи.

Доброто на сите, наместо сопственото добро, е вредносниот отскок кој ни е потребен денес. Овој принцип, автоматски ги искоренува злата што го нарушуваат светскиот мир и овозможува сите човечки суштества да се третираат како ближни. Знаејќи дека човечката природа во целиот свет е иста, нерационално е некои луѓе да ги сметаме за браќа, а други за непријатели. Сите луѓе се еднакви и заслужуваат еднаква шанса.

Со директна комуникација дури и идеолошки инспирираните непријателства можат да се решат и да се постигне целта за глобален мир. Време е нашите напори да бидат обединети, нашите срца да бидат усогласени, нашите умови да бидат прегрнати. Време е да бидеме луѓе, да создадеме иднина на љубов и разбирање, да оставиме плодни пријателства за нашите потомци и да бидеме среќни, заедно. Немаме втор живот за живеење. Нашата шанса е сега.

Пишува: Перо Костадинов, Градоначалник на Општина Валандово и Потпретседател на СДСМ.