Го слушав Митревски и во второто интервју на Тв Алфа. Ме држеше до 4 сабајле тој нашприцан историски сердар, а слушајќи го човек помислува дека Јане Сандански од гробот станал и мавта со камата и кубурот.

Си кажува човекот нешто за Лазо Колишевски, Тито, фашизмот, антифашизмот… Зборува запаливо и сугестивно. Тука збор да нема. Само ништо да писне за декадата на Груевски. Или не бил тука, можеби сурфал на даска низ Калифорнија или го барал Џим Џармуш да му подметне сценарио, кој ќе го знае.

Јас немам ништо против идентитети и традиции, само овие две работи треба подалеку да се држат од запаливото масло. Во зборувањето има еден детаљ што на Митревски & Момировски им се губи од перцепцијата.

Груевски не падна оти беше голем Македонец, падна оти дојде време за наплата. Переа пари, пљачкаа, беа насилници, направија лустрација на живи и мртви луѓе, спичкаа преку 5 милијарда евра наши пари, прислушуваа официјално 22.000 луѓе, такво надгледување не правеше ниту УДБА во времето на Тито, гореа новински редакции, луѓе пред камери во живо се апсеа небаре Цеца пее на стадион а нацијата ги подлизнува усните со насладување, гонеа невладини организации, пресудуваа преку тефтерче од типот, овој да го нема, а овој да живее, рушеа згради и објекти со динамити, војна предизвикаа во Куманово, приватизираа и грабаа туѓи фирми, луѓе на избори влечеа за уши, и пљачкаа, пљачкаа, пљачкаа.

Ова е мојата жива и кратка историја за нечесните ултра-гига-турбо патриоти со предзнакот “македонски”.

Да не зборувам дека на 27-ми април 2017 година влегоа во Собрание да убиваат.

Нека ме извини Дарко Митревски, ама мојата маленкост му вели да се обиде на Црвен бан да сурфа низ Калифорнија. Може така ќе влезе во реалната историска слика на сегашниот македонецот.

 

Пишува: Ненад Јовановиќ