Да дојдеш, да ми дојдеш како дожд во пустина, да ми ја згасниш жедта, жедна сум за тебе…

Да дојдеш, да ми дојдеш како сонце на зима, да ми ја стоплиш душава, ладно ми е без тебе. Да дојдеш, да ми дојдеш како детелинка четирилисна, да ми донесеш среќа, несреќна сум без тебе. Да дојдеш, да ми дојдеш како лек за болен, да ме оздравиш, болна сум од љубов по тебе.

Да дојдеш, да ми дојдеш како никогаш да не си заминал, уште го чувам местото за тебе. Да дојдеш, да ми дојдеш како врева од птици, не слушам ништо од кога не си тука. Да дојдеш, да ми дојдеш како желба на мало дете, изгорев од пуста желба за тебе. И ако дојдеш, очите мои нека ти бидат огледала, во нив да се гледаш секој ден, и да чувствуваш колку бев сама.

Е тогаш, дури тогаш можеш да си одиш, тогаш кога ќе те здоболат моите рани. За да знаеш, очите понекогаш болат.

 

Јасмина Петковска Белиот Лебед