Низ целава какафонија од политички и идеолошки препукувања по социјалниве мрежи се обидувам да најдам удобно место за моите чувства и визии за општеството во кое живееме. Не оди лесно оти во вакви, што би рекол Бајага “дани високог напона”, апсолутизмот се смета за најскапата валута за вреднување на мислења. Јас не сум апсолутист и нема да користам капслок и апокалиптични сценарија туку ќе се повикам на сопствена логика и рационално расудување.

Перцепцијата дека само во Македонија сме загрижувачки поделени по скоро секој основ не е точна. Светот е поделен па како резултат на тоа и ние. Поделени сме на луѓе кои прават мостови и на оние кои креваат ѕидови, на оние чии идеологии се мотивирани од желбата за прогрес и оние кои се мотивирани од чувството на страв.

Затоа ги апстрахирам оние екстреми кои се внимателно дизајнирани да си ги мобилизираат своите табори пред избори и се обидувам да ја намалам бучавата од гласови и да го чујам сопствениот, интимен глас бидејќи комуникацијата со себе е најдобар одбрамбен механизам против потпаѓање под општата хистерија која не опкружува.

Ми текнува на оние години кога многумина од нас мислевме дека сме сами, на она одвратно чувство дека сигурно нешто не е во ред со нас ако само ние што не заокружуваа со црвено се чувствуваме обесправени, изложени, немоќни, манипулирани, заробени, згазени, небитни… Па ми текнува на оние денови кога се собравме и кога видовме колку сме, кога си дававме кураж, кога стотици-илјадници се собиравме да одбраниме еден, кога се организиравме и почнавме да веруваме дека подобра држава е можна. Си ги преиспитувам очекувањата, колку беа ентузијастички, искрени, од оваа дистанца дури и наивни. Но ентузијазмот додека ги градевме и артикулиравме беше највредното нешто бидејќи како одговор на тоа време пресушено од надеж, заеднички создадовме систем на вредности на кој сега како на света книга се повикуваме. Правда, еднаквост и слобода… Тоа се идеали за кои вреди и цел живот да се бориш оти таквите состојби бараат постојана активност и будност од граѓаните.

Затоа на овие избори ќе излезам и ќе гласам баш за тоа чувство на ентузијазам во борбата за подобрување на општеството, за гласната какафонија од ставови и мислења на улица и социјални мрежи и за колмејкери кои практикуваат двонасочна комуникација со граѓаните.

И на крај да се разбереме, немам некое очекување дека овој мој пост некој ќе мотивира за да излезе на гласање или да промовира за кого да гласа. Ова го пишувам за да остане тука, да циркулира низ просторот како едно тегче на метафоричната вага на политичките идеологии. Нека натежнува таму оти еден став, едно размислување, една надеж може да биде разликата помеѓу безизлез и отворени можности за прогрес.

 

Пишува: Ирена Стеријовска