Овој колективен гнев треба да се канализира, да се застане цврсто, без компрописи во легитимната борба за нашите животи: Говор на Калиа Димитрова од протестниот марш „Јавна соба е кривично дело“.

Не сме тука само за Јавна соба. Јавна соба, со своите стотици жртви, илјадници предатори, жено-мразачи, само ја прели чашата. Тука сме, бидејќи насилството се смета за традиција, а силувањето од партнер како приватна работа. Тука сме, бидејќи сме биле допирани без да сакаме, сме биле следени, довикувани, заплашувани, шлапани и научени да ќутиме. Тука сме, бидејќи не сме безбедни: дома, во школо и на факултет, на работно место, на улиците, на социјалните мрежи!

Колку од нас имаат доживеано сексуално насилство или вознемирување во животот? Колку од нас пријавиле во полиција?

Тука сме бидејќи се плашиме да пријавиме насилство во полициска станица. Тука сум, бидејќи во рок од три дена добивме повеќе од 100 пораки од девојки кои биле сексуално злоупотребени и над 90% од нив не веруваат во институциите. Тука сме да потсетиме дека непостапувањето е соучество.

Јас сум гневна. Јас сум многу гневна. Ние сме гневни. Гневни жени! Овој гнев не треба да нè плаши. Овој колективен гнев треба да се канализира, да се застане цврсто, без компрописи во легитимната борба за нашите животи. Емоциите се нашите политички и животни ресурси: да ги искористиме.

Одбивам да прифатам дека треба да изгледам, се движам, зборам, се сликам на одреден начин, за институциите да постапат соодветно кога ќе бидам нападната. Одбивам да прифатам дека треба да ги правдам своите избори, за да не бидам оцрнета, навредувана и демонизирана од машката јавност, на која ниту едно сведоштво, ниту еден доказ, ниту едно понижување, не и се доволно вистинити ако доаѓаат од женска уста. Одбивам да прифатам дека треба да бидеме задоволни со овие трошки кои ни ги фрлаат и одбивам да се помирам со овие мизерни изговори за институции. Одбивам да се срамам што постојам.

Ова мора да заврши. И под ова, не мислам на бришење на една група или приведување на 4 предатори. Под ова, подразбирам на овој систем на насилство кој активно ги репресира тие што може, мислам на тивкото одобрување на сексуалната агресија, поттикнување на мизогинија преку игнорантност и непостапување…Сè ова мора да заврши, бидејќи буквално ни е смачено. И не планираме да замолчиме, додека секоја една од нас не е слободна.

Се радувам на прекрасните примери на солидарност и безусловна поддршка која ја сведочиме деновиве, како општестевен модел кон кој треба да се стремеме. Се надевам, не, тврдам дека овој колективен гнев ќе го означи почетокот на нашето ослободување.

 

Извор: Медуза