Професорот по славистика на Харвардскиот универзитет Хорас Лант несомнено бил свесен дека неговиот потфат на почетокот на педесеттите години на минатиот век имал и значење кое ги надминувало границите на лингвистиката и славистиката. Неговата англиска „Граматика на македонскиот литературен јазик“, издадена во Скопје во 1952 година, била силен научно фундиран аргумент против оспорувањата на македонскиот јазик и македонската нација кои доаѓале од повеќе страни и се претвориле во вистинска пропагандна војна по Резолуцијата на Информбирото од 28 јуни 1948 година. Сталиновата анатема на титоизмот ги збришала перспективите за остварување на културните права на пиринските Македонци и придонесла за поразот на Демократската армија на Грција, платен со геноцид и терор врз егејските Македонци. Таков бил контекстот во кој Американецот Хорас Лант, професор на еден од врвните американски универзитети, се нафатил да напише граматика на македонскиот литературен јазик.

Но, што би рекол професорот Лант денес, шеесет години подоцна, за тоа дека оспорувањата на македонскиот јазик и македонската нација сѐ уште се рециклираат во некои псевдонаучни кругови во земјите во кои живеат сеништата на малите балкански империјализми од 19 век? Што би рекол тој за загрижувачкото отсуство на македонска грижа за лекторатите по македонски јазик на странските универзитети? Што би рекол тој за поплавата од неразбирливи и нечитливи преводи со кои нѐ бомбардираат медиумите и издавачите, најчесто финансирани со буџетски пари? Што би рекол тој за погубните последици од официјалното омаловажување на словенските корени на Македонците со кое се раскинува органската врска меѓу нашиот идентитет и нашиот јазик и, во крајна линија, се става под прашање максимата на неговиот пријател и соработник Блаже Конески дека јазикот е наша татковина. И, најпосле, што би рекол тој на податокот дека неговата граматика никогаш не била преведена и објавена на македонски јазик?

Од предговорот на проф. Хорас Лант може да се насети какви би биле неговите одговори на некои од овие прашања. Но, овие и други прашања всушност бараат одговори од нас денес, кога Република Македонија е веќе независна држава, а не (само) една од југословенските републики. Можеме ли денес да се пофалиме дека нашата грижа за јазикот како наша татковина е поголема и фактички, а не само декларативно?

Благодарноста за поттикот да го објави фототипското издание на „Граматиката на македонскиот литературен јазик“ од проф. Хорас Лант, Фондацијата отворено општество – Македонија му ја должи на почитуваниот Крсте Јанковски. Тој ни укажа на важноста на одбележувањето на шеесетгодишнината од објавувањето, по што следеше потрагата по добро зачуван примерок од изданието од 1952 година, потрага која заврши со откупот на два примероци понудени на продажба на интернет во Соединетите Американски Држави.

Објавувањето на фототипското издание од 1952 година и неговата дистрибуција дома и во странство, по што ќе следи и објавување на преводот на граматиката на проф. Лант на македонски јазик, Фондацијата отворено општество – Македонија го разбира како обврска која произлегува од нашата посветеност на одбраната на идентитетот на Македонците и македонскиот јазик, посветеност за која сведочат повеќе наши потфати, особено во издаваштвото. Објавувањето на „Граматиката на македонскиот литературен јазик“ од Хорас Лант се вклопува во одбележувањето на дваесетгодишнината на Фондацијата отворено општество – Македонија и претставува и наш одговор на неоснованите напади дека Фондацијата работи против интересите на Македонија и Македонците.

Владимир Милчин (29 октомври 2012 година)