Денес бев на протестот на новинарите во поддршка на Насер Селмани, кој деновиве самиот, но и неговото семејство се соочува со закани, навреди и притисоци од страна на Беќир Асани и нему блиски луѓе. Чувстував потреба да бидам таму со колегите, не само како новинар по вокација и дел од оваа професија повеќе од 20 години, туку и како жртва на постојано вербално насилство, закани, па и повеќе обиди за физичко насилство над мене и моето семејство во изминатите 10 години.

А случаи имаше повеќе и тоа прилично видливи во јавноста – случајот кога бев лажно обвинет за физички напад, па дури и обид за убиство на Бобан Нонковиќ…постојаните, речиси секојдневни повици за насилство врз мене и други луѓе и говор на омраза на Миленко Неделковски, разни лаги, клевети и навреди од пропагандната машинерија на груевизмот…деновите кога имаше акции за плукање на новинари и интелектуалци (Фрчкоски, Борјан Јовановски) и кај мене дома на врата дојдоа 6 млади насилници со намера да спроведат „видео акција“…во ниту еден од овие случаи немаше структурирана реакција во моја одбрана. Бев приморан битките за заштита на личниот интегритет и интегритетот на семејството да ги бијам најчесто сам, или со колеги – жртви.Кога сме кај моето „искуство“, веднаш би сакал да кажам дека за тоа децениско насилство во моја одбрана јавно застанаа Бранко Героски и Џабир Дерала со неколку написи и јавни ставови, за што неизмерно им благодарам. Колку и да се потрудите, за жал, за постојаното насилство врз мене нема да најдете ниту едно соопштение, став, повик на кој било друг индивидуалец од медиумите, редакција, организација, формална или неформална инцијатива.

Затоа бев денес на протестот за Насер. На него видов и новинари кои беа дел од машинеријата што масакрираше вербално и содржински стотици свои колеги, активисти, јавни личности само затоа што го критикуваа режимот на Груевски. Се надевам дека сега се искрени во своите заложби за слобода на медиумите. Никој повеќе не смее да им се заканува на новинарите, а тие што го прават тоа треба да се соочат со надлежните органи на прогонот, со полиција, со обвинители и судови. Ова општество, ако пледира да се декларира како демократско, не смее да прифати ништо помалку од тоа!

Петрит Сарачини
Извор: Цивил