Изградбата на канализациски системи во сите населени места е еден од приоритетите на општина Гевгелија кој веќе почна да се остварува. За реализацијата на ваквата определба, велат од општината, неопходна е изработка на техничка документација имајќи во предвид дека од вкупно 17 населени места, дури во седум кои се наоѓаат во пазувите на планината Кожуф, се уште нема изградено канализациски системи.

– Општината веќе аплицираше на јавниот повик од Министерството за животна средина со проектот за изработка на техничка документација за изградба на канализациски системи во селата Ново Конско, Кованец, Петрово, Габрово, Ума, Конско и Серменин, додека, пак, за изградба на канализациски систем во планинското одморалиште Смрдлива вода, апликацијата е поднесена преку Југоисточниот плански регион, потврдија од општинската Служба за односи со јавноста.

Оттаму посочија дека акцент ќе се стави и на изградбата на канализацискиот систем со пречистителна станица во селото Милетково, проект за кој има изработено комплетна техничка документација.

Од општината беше нагласено дека ќе се заложат до сега изградените нови канализациски системи во Прдејци, Давидово, Мрзенци и Моин да се комплетираат со изградба на пречистителни станици.