Извршната директорка на Фондацијата ФООМ Фани Каранфилова Пановска истакна дека неслучајно го одбрале овој наслов на оваа завршна конференцијата затоа што, како што рече, сакале да подвлечат дека по периодот на затвореност, на добиените квалификативи за „заробена држава“, по промените минатата пролет општеството почнува да се отвора, но смеат дека целта се уште не е постигната.

– Отвореното општество како концепт никогаш не е достижно во идеална смисла. Но, има начини многу да се направи дополнително за Македонија да може да ја сметаме за вистинско отворено општество со сите вредности кое тоа ги предвидува. Имаме многу работа на планот на правната држава, на воспоставување на владеење на правото, на планот на справување со криминалот од претходната власт паралелно со справување на потенцијалниот криминал меѓу претставниците на актуелната власт. Има многу што да направиме на планот на говорот со омраза со национализмите и со ксенофобијата, на оттргнување на политичките партии да го доминираат јавниот простор и јавниот дискурс и да се овозможи активните граѓани кои длабоко ветуваат во тоа дека може нешто да променат и дека се зависи од нас да можат да делуваат слободно, рече Каранфилова Пановска.

Конференцијата денеска ќе продолжи со дебата на тема: „Граѓаните, политичката култура и идентитетите“ и „Нема правда, нема мир“, а утре на завршниот дел на програмата се теми фокусирани на транспарентноста и отчетноста на институциите во Македонија, предизвиците и можностите за ангажман на граѓанското општество по делувањето во „заробена држава“, како и Македонија може да стане отворено општество.

ФООМ веќе 25 години се залага за создавање динамично и толерантно општество во кое граѓаните се силни, активни и вклучени, а властите се одговорни, отчетни и отворени за соработка.