Виена ја сакам зашто таму секогаш сум се чувствувала сигурно, опуштено и со очи исполнети со убавини. Виена ја сакам затоа што и покрај не познавањето на германскиот јазик, лесно комуницирате со сите, а не ретко по улиците и продавниците слушате говор на јазиците од поранешна Југославија.

Виена е ненаметливо отмена, а во исто време природна, отворена, космополитска. И затоа постојано со задоволство, кога можев, се навраќав таму. И последното патување пред да настапи короната ми беше токму во Виена.

Вчерашните вести за терористичкиот напад во Виена многу ме погодија. Терористите удрија не само по Виена како град, туку и по Виена како концепт на живеење.

Напаѓајќи недолжни луѓе, терористите вчера ја нападнаа и вербата во човекот и во човештината, ја нападнаа слободата, демократијата, сигурноста.

Терористите со нападот не одземаа само недолжни животи, тие се обидoa да го убијат целото човештво, заедно со слободата на говор, различноста, секуларизмот, женските права и многу други негови суштински вредности.

Затоа тероризмот не е кривично дело против поединци или против имот. Тоа е злосторство против нашите вредности, користејќи смрт на невини луѓе и уништување на имот за да нè заплашат. И кога реагираме од страв, кога ги менуваме нашите навики, нашите политики, терористите успеваат – дури и ако нивните напади не успеат.

Но, кога одбиваме да бидеме тероризирани, кога не дозволуваме стравот да владее со нашите животи, дури и ако сме исплашени, терористите не успеваат да ја постигнат својата цел, дури и ако планираниот напад им е успешен.

Имајќи ја предвид зачестеноста на нападите во последниов период, несомнено е дека тероризмот бара сериозен одговор на обединетиот демократски свет. Дел од тој одговор неизбежно мора да биде образованието, ресоцијализацијата, но и контрола над ширењето на екстремистички ставови и превенирање на регрутацијата на младите во терористичките групи.

Или како што кажа Малала: Со оружје можете да ги убиете терористите, со образование можете да го убиете тероризмот.

Мора да го убиеме тероризмот!

 

Пишува: Проф. Рената Дескоска