Во моите колумни за Фокус честопати знам да споменам дека денес кога беснее војна во Украина, членството на Македонија во НАТО излегува на површина како неизмерно битен факт. Заштитени сме под најсилниот воено – политички сојуз, рамо до рамо со САД, Германија, Франција… Небото ни го чуваат грчката и италијанската авијација, со најмодерни авиони и радарска технологија.

И таман сите се надеваме дека конечно во Украина ќе дојде до преговори и можност за мир, во светот се отвора ново жариште. Овој пат за жал повторно се распламтува израелско – палестинскиот конфликт кој трае долги години. Сега, со многу цивили загинати на двете страни од старт на конфликтот, со потенцијал да се прошири и кон други држави како Либан и Сирија и не дај боже Иран, но и со сериоизен потенцијал за огромна хуманитарна катастрофа.

Ако се вратам на НАТО, точно, тоа е екстремно битно за безбедносниот аспект на секоја држава членка. Но, војните за жал носат и други, поголеми опасности од безбедносните. Светот е глобално село и сите сме на еден или друг начин поврзани. Војната во Украина сериозно “удри” по цената на енергенсите што потоа ја повлекува инфлаторната спирала на поскапувања, но порасна и цената на пченицата поради неможноста таа да се транспортира до другите држави. Цените поради војната растат, а невините граѓаните се најпогодени. Србите велат “Ни криви, ни дужни”.

Сепак, по Путиновото поскапување на гасот и енергенсите, членките на Европската унија подобро поминаа. Зошто? Затоа што се заедно, а заедно е секогаш посилно и подобро од само и изолирано. ЕУ веднаш реагираше и ги активираше сите свои системи за да се заштити од ценовните шокови, а членките кои најдиректно и посериозно беа погодени, беа дури и финансиски помогнати од Европската унија. Заедничката аграрна политика и европските фондови помогнаа и ценовните шокови во храна да ги поминат побезболно од очекуваното. Така е тоа кога си дел од големото европско семејство и имаш кој да ти го штити грбот и да ти помогне кога е најтешко.

Војната Израел – Палестина на прва носи неколку слични, па дури и поголеми опасности. Прво, можен е нов нафтен ценовен шок. Нафтата е инпут во ланецот на производство и оттука раст на нејзионата цена ќе повлече спирала од раст на цени на други производи. Второ, можен е сериозен бегалски бран, кој ако тргне по рутата од 2016та година повторно ќе поминува преку Балканот кон западна Европа. Тоа значи дека ние можеби во даден момент ќе бидеме на бегалската траса. Трето, којзнае што е трето!? Па зарем некој знаеше дека Нигер е вториот најголем извозник на ураниум во Европа!? Се додека и таму не “пукна” војна, добар дел од светот не ни знаеше дека постои таква држава.

Бидејќи за жал војни во светот се започнуваат се повеќе, а да си држава на Балканот значи да си мост помеѓу истокот и западот и да бидеш секогаш директно засегнат од влијанијата и од едната и од другата страна, сега е најбитно да не сме сами. Сега мораме да ја искористиме шансата и да ги отвориме поглавјата од преговорите со Европската Унија што ќе ни даде директен пристап до европските фондови. Фондови кои во едни вакви кризни, не дај боже, воени времиња, можат да бидат од витално значење за економијата и за животниот стандард на граѓаните. Ако НАТО е клучно за безбедносниот аспект на војните, ЕУ е клучна за санирање и пред се превенирање на можните екниомски, воени удари.

Едно време, некои политичари искрено, а некои на шега велеа “НАТО ќе не брани, ЕУ ќе не храни”. Но, во светот, веќе одамна ѓаволот ја однесе шегата, па сега оваа изрека од пред неколку години за нас во Македонија останува едниствена можна опција за да преживееме и да имаме колку толку нормален живот

Од друга страна односот на Левица и ДПМНЕ продолжува да биде анти ЕУ. И прашувам јавно, ако има недостаток на енергенси или храна во светот, кој ќе ни помогне ако сме сами и излоирани!?

Апасиев и Мицкоски треба да кажат кој ќе ни помогне ако повторно има бегалски бран!? Да не се лажеме, ние сме мала земја и во вакви тешки ситуации секоја помош ни е насушно потребна.

Оттука, и ДПМНЕ и Левица и Мицкоски и АПасиев мора да сфатат дека време за политиканство нема. Светот е на раб на можен голем воен конфликт и ние мора по секоја цена да бидеме во унија и сојуз со најсилните и најмоќните и воено и економски ако сакаме да преживееме. Сам не се оди никаде, а со добри пријатели може се да се преброди.

Изборот и одлуката се во наши раце. Или ќе бидеме во НАТО и ЕУ или сами ќе ги чекаме тешките времиња кои доаѓаат, изолирани, осиромашени и небезбедни.

Европски фронт или Изолиран фронт?

 

Пишува: Стефан Богоев