Иновативноста и креативноста во едно нешто се истоветуваат со глупавоста – немаат граници! Никогаш до сега во историјата нa изборни политички кампањи како во светот, така и во државата сме немале кампања на партија – ПАРОДИЈА сама на себе. Изборната кампања е пред крај само неколку дена пред изборите, во најсилниот ек, па така, преку една лошо изрежирана кампања имаме непосакувана можност да се потсетиме на едно време.

Приказна за еден мандат некогаш претставена за обновување на истата…
Еднаш не многу одамна, постоеше еден човек со вистински моќи таканаречен Иван Исцелител, на кој сите му се смеевме. Арно ама после долги години кармата си ги направи своето. Добивме кандидат Исцелител, ни помалку ни повеќе, за премиер! Само што за разлика од вториов исцелител, првиот никогаш не се исмејуваше на саркастичен начин на луѓе со посебни потреби и луѓе со инвалидитет, туку вистински им помагаше. На првиот ние му се смеевме, а вториот ни се смее нам. Актуелниот исцелител преку платено политичко рекламирање ни го раскажува целокупното владеење на неговиот претходник преку ефтин саркастичен, тотално НЕПРОФЕСОРСКИ начин. И тоа раскажано во еден ден…

Стануваш едно утро, те боли грбот, не знаеш од што. Одиш така подгрбавен не знаеш кај ти е главата, тоа се се искривило на тебе и на твоите маки нема крај. Се додека да се појави Исцелителот..(Токот во приказната вели дека те исправа, ама уствари кога ќе видиш КОЈ те исправа… ама ајде нареден пат за тоа.)

Кога ќе те исправи, стануваш и трк..на аеродром! Пусти страв кичма тука да не те фати пак, може и овој Исцелител ќе фати патот за Будимпешта, па на твоите маки пак ќе им нема крај, кој ли тогаш ќе те исправа?
И таман само што не си полетал, оп, пак Исцелителот! Си викаш аман, што среќна ѕвезда ќе беше. И тука не му треба многу, те враќа и од аеродром! “Спасу“ на 2020 година, ти ли си?

Да се сетиме само на еден факт: „Големата преселба на народите“ точно е дека започна 300 година од нашата ера во Европа, меѓутоа егзодусот на Македонците кулминира од 2010 година.
2010 година и тогашното владеење.

Потоа кога ќе те врати од аеродром, ќе те прати во библиотека, сигурно си гладен. Што се чудите? Ништо не е чудно како што звучи и изгледа ако резимираме. Па нив (знаеме кои) им е нормално да бараат виршли во библиотека, кога полицајците во нивно време бараа криминалци во библиотека. И тоа се сеќавате нели? Не беше многу одамна, последниот нивен мандат. Само што тие “криминалци“ што полицијата ги тепаше и бркаше од библиотека, ги истепаа и избркаа на аеродром. Исцелителот касно му е да ги врати. Можеби по некој сленг или дијалект како што љубат да го говорат во рекламите во потсмев-улога, библиотека значи некој вид на криминален блок или киоск, па не разбираме сите. Смешно е, ама тоа е, се случува да се збуни човек, де за библиотека, де за виршли и паштети. Ама знаете како… кој јадел бифтеци од бизони и лососи по цена од тогашната половина просечна плата, смешни му се паштети и виршли, многу нормално.

Потоа кога ќе излезете од библиотека, пошто се збунивте веќе еднаш со институциите, Ве праќаат на едукација да не дојде до забуна нареден пат. И доаѓа на ред (квази)рекламата Зоран падна на испит т.е „Колку се два плус два? – Колку ќе се договориме толку ќе биде.“ Оваа реклкама мнооогу потсеќа на еден тренд многу актуелен пред 10тина години, ни помалку ни повеќе КУПУВАЊЕ ДИПЛОМИ. Тренд на функционери, мора да се сеќавате нели? Немаше раководител, командир, началник, шеф без тој тренд, ептен го почитуваа! Ви текна нели?
Значи „Купувам домашно“ е актуелно уште од тогаш! Браво, топ!

И идеме понатаму…Кога ќе заврши едукацијата и полагање на испитот време е за прошетка. „Да покажеме што сме сработеле, на брдо, брдо, сеа што е битно дали има или нема фабрика, ќе Ви продадеме малку сега од нашите чушки и френки, па ние Субрата Рој школа сме!“
Сте!

И така го поминавме денот, се изнашетавме, се изморивме и време е за сон. Ни ги прочитавте сите приказни пред спиење: Трите прасиња, Пепелашка, Снежана и седумте џуџиња, Зоран и илјадниците ветувања, арно ама никако да дојде ред на Патот околу Будимпешта за (колку!?) дена. Уште чекаме, никако сон не не фаќа.
Побрзајте да претставите каква обнова нудите, уште сте кај приказните од едно минато свршено ОШТЕТЕНО време. Не видовме програма, или видовме.. па да, Заев е програмата! Толку Ви е отиден капацитетот што ниту еден ПР експерт на светот не Ви го спасува.
Вашата nonsense политичка сатира сте ја пуштиле на најјако, арно ама заборавивте дека ДМПНЕ легендата вели: „Не си прав патриот ако за тоа не лапнеш државна пара.“ Минимум 66666 – 6, ѓаолски број или опасно ѓаолски добро полн џеб. Се разбравме, ако не, ќе Ви текне.
И што да сумираме..Од исцелител до Хаос мајстор. Од љубов кон Скопје 2014 е тоа! За тоа што падна и се сруши, треба многу раце и вештини за ОБНОВА.

Тука не се работи дали си подржувач од другата страна и ова да биде целно политичко препукување. Тука се работи за тоа што “исцелително“ некој со сила те амнезира што се случуваше 11 години предтходно. За жал.

И затоа…Еден и единствен начин исцелителот да не го оштети народот и да го направи среќен, е да оди и продава сладолед.
Лето е, никој нема да му се смее, а сите ќе му се радуваат!
Искрено и чисто и ништо повеќе од тоа, без сарказам и нарачан унгарски потсмев.

 

Пишува: Клаудија Стоевска