Во пракса, се почесто се случува пациентите да употребуваат пет до шест различни лекови во еден ден, особено постарите хронични пациенти. Покрај основниот, било каков дополнителен здравствен проблем ќе го зголеми бројот на лекови за најмалку три, а според стручната јавност, повеќе од пет лекови се всушност контрапродуктивни, односно веќе станува збор за полипрагмазија, што едноставно значи – премногу лекови за едно лице за да всушност дејствуваат наменски без несакани дејства.

Наутро една мала сина таблета против тромбоза, една бела за намалување на крвниот притисок, зелена за намалување на зголемени масти во крвта. Попладне треба да се земе и некоја таблета и против болка, па може и за подобрување на циркулацијата исто така, па таблета за спиење, а не е лошо да се земе и калциум или магнезиум. Како населението во развиениот свет старее, очекуваното траење на животот е продолжено, хроничните болести се повеќе напредуваат, а полипрагмазијата е се повеќе и почесто во центарот на интересот на стручната јавност, која вели дека со употребата на помалку лекови се добива подобар тераписки ефект. Експертите полипрагмазијата ја дефинираат како употреба на пет или повеќе лекови или, уште попрецизно, тоа се однесува на користење на потенцијално несоодветни лекови во третманот.

Потребно е да се разликува ПОЛИТЕРАПИЈА од ПОЛИПРАГМАЗИЈА. Политерапија значи лекување на пациент со неколку лекови за да се постигнат оптимални резултати, а полипрагмазијата е третман со повеќе лекови без очекувани резултати. Поради повеќе здравствени проблеми или состојби постарите хронични пациенти имаат потреба од повеќе лекови, но тие мора да бидат препишани така што лекарот ќе избере што е најважно и најприоритетно да се лекува, односно ќе направи тесен избор за да нивната функција односно дејство биде оптимално. Особено треба да се внимава на лековите со “мали терапевтски ширини”, како на пример, антиепилептиците и лековите против згрутчување на крв – варфарин, кај кои малите промени во терапијата може да предизвикаат силни несакани ефекти.

Во Македонија сè уште нема интеграција на сите наоди на едно место и одлуки за терапија на пациентот, дури и во болниците.

Истражувачите предупредуваат дека неправилната употреба на неколку видови на лекови може да биде штетна, па дури и опасна, и секогаш треба да се има предвид дека со лековите секогаш треба да се биде многу внимателен. Истражувачките резултати укажуваат дека полипрагмазијата е одговорна за 28% од сите болнички приеми и 5-та причина за смрт во САД. За жал, вакви податоци во Македонија НЕМА, но факт е дека во нашата земја има слични проблеми, особено кај постарите лица кои боледуваат од хронични болести и најчесто мора да се лекуваат со повеќе лекови. Комуникацијата на лекарите со пациентите, особено оние со хронични болестите, е клучна во одлуката за рационален третман. За секој пациент треба да се има време најмалку 15 до 20 минути, што често е невозможно, бидејќи тоа би значело дека лекарот во еден ден треба да прегледа 20 пациенти, а ние имаме многу повеќе.

Најновото истражување спроведено од страна на Д-р Дима М.Квато од Универзитетот Илиноис во Чикаго покажа дека повеќе од 50% од пациентите на возраст од 57-85 години употребуваат пет или повеќе лекови, како на рецепт, така и во слободна продажба од аптека како што се витамини, минерали и додатоци во исхраната. Но, 58% од пациентите земале барем еден лек кој што не бил потребен. Истата американската студија покажала дека во САД луѓето на возраст од 62-69 години, во просек подигнуваат 14 лекови на рецепт, а постарите од 80 до 85 годишна возраст користат дури 18 лекови. Комбинациите на лековите кои се издаваат на рецепт, лековите без рецепт и додатоците во исхраната дополнително ја комплицираат ситуацијата. Во многу случаи, ниту здравствените работници, ниту пациентите не гледаат на додатоците во исхраната како на лекови, а со тоа тие често се игнорираат во процесот на фармацевтската и здравствената грижа. Меѓутоа, ако за нив не се зборува, тоа не значи дека пациентите не ги уоотребуваат, дури тие се повеќе се користат заедно со конвенционалната терапија.

На пример, комбинирањето на антикоагулантниот лек- варфарин со аспирин може да го зголеми ризикот од сериозни гастроинтестинални или интрацеребралби крварења. Слично на тоа, комбинацијата на ангиотензин-конвертирачкиот ензим (AКE инхибитор, пример еналаприл), кои се применуваат во третманот на хипертензија и срцева слабост со лекови кои го надоместуваат калиумот може да предизвика смртоносно покачување на нивото на калиум во крвта. Во ретки случаи, употребата на “безопасни” додатоци, како што се женшен и гинко, можат да станат опасни во комбинација со други лекови.

Доц. Д-р Елена Костова, Спец. по интерна медицина