Изминатите години често пати во јавноста се поставуваше прашањето околу имунизацијата на нашите деца. Ставовите кои беа давани како одговор беа или кратки или опширни и комплицирани, односно одговорот претежно бил политички и премногу краток, односно ЗА или ПРОТИВ вакцинирањето. Едно нешто кое што недостасувало во низата на одговори и ставови е прашањето ЗОШТО. Со овој мој текст ќе се обидам да дадам одговор на прашањата кои што ги мачат родителите околу вакцинирањето.

1. Која е причината за постоење на поливалентни вакцини?
2. Дали количините на конзервансите во вакцините имаат полоши последици кога имаме повеќе инјектирања или кога неколку вакцини се примаат одеднаш….некои од нив беа тривалентни, односно сега веќе петтовалентни и шестовалентни вакцини?
3. Дали тимеросалот е конзерванс?
4. Каква е улогата на алуминиумот во вакцините??!
5. Дали количеството на тимеросал и алуминиум е поголемо кај поливалентните вакцини?
6. Кои се побезбедни вакцини, живите или мртвите?

Вакцините против ДТП (дифтерија, тетанус, пертусис) и против МПР (морбили, паротит, рубеола) се тривалентни и се инјектираа при истата посета на лекар заедно со едно инјектирање. Поливалентните, сега веќе петтовалентни и шестовалентни вакцини, присутни се кај нас од 2016 год, кои со едно инјектирање се внесуваат истите вакцини кои и до сега се даваа во ист момент пооделно.
Значи од тој аспект нема ништо ново освен дополнително хиперактивирање на имунолошкиот систем.

Имунолошкиот систем секојдневно е изложен на разни биолошки агенси кои се претставени од илјадници антигени кои имунолошкиот систем постојано ги процесуира.
Нема разлика ако се даде моновалентна вакцина со 1 антиген, или поливалентна вакцина со 50 антигени, имуниот систем исто ќе ги процесуира.

Главната причина за постоење на поливалентните вакцини е на што поедноставен, побрз и помалку трауматски начин да се опфати широка популација, да се намали оптеретеноста на јавното здравство со инфективни болести за кои и така нема специфична терапија.
Што се однесува од биоинженерски, технолошки и фармаколошки аспект комбинациите се предизвик, во смисла на спроведување на дополнителни испитувања и дополнителен труд за да се направат (ако се прашуваат производителите многу им е подобро, полесно и поефтино да направат само едновалентни вакцини).

Од аспект на ефикасноста не се ништо подобри или полоши наспроти поединечното инјектирање, односно за одобрени комбинации во кои компонентите си ја задржуваат имуногеноста нема причина да се даваат поединечно, ниту јавно-здравствена, ниту медицинска, ниту етичка, ниту фармаколошка.

Во производството на вакцините како помошни супстанции се користат алуминиумски соли, тимеросал, формалдехид, феноксиетанол, одредени видови на антибиотици, сурфактанти и др.

Тимеросалот е всушност органско соединение на жива во облик на етил-жива (облик многу поразличен од елементарната жива).
Поради своите антисептични и антифунгални својства се додава како конзерванс во ампулите на вакцините кои содржат повеќе од една доза т.н. мултидозни облици, за да се спречи контаминација и раст на потенцијално штетни патогени микроорганизми.
Во последните десетина години, тимеросалот повеќе не се користи, поради тоа што вакцините се почесто се произведуваат како еднодозни и нема потреба од негова употреба, но стапката на заболувања која се асоцираше со употребата на тимеросалот (вклучително аутизмот) не се намали, што е уште една потврда покрај клиничките студии дека не постои поврзаност помеѓу истите.
Значи, тимеросалот се употребувал само во веќе подготвените вакцини кои се повеќедозни, народно кажано тоа се тие рефусни вакцини.

Алуминиумот во вакцините е во форма на алуминиумови соли (алуминиум хидроксид, алуминиум сулфат и алуминиум фосфат) кои се употребуваат како адјуванси. Присутни се во вакцините во извонредно мали количини кои организмот комплетно ги исфрла за неколку дена. Алуминиумот како соединение го има во храната и водата за пиење, во вештачкото млеко за новороденчиња, во козметички препарати и во многу други производи кои секојдневно ги употребуваме.
Улогата на алуминиумските соли во вакцините е во: спречување на таложење на антигените и токсоидите во амбалажата на вакцината и предизвикување на иритација на местото на апликација за да може антигените да бидат полесно презентирани на имунолошкиот систем, односно да ги привлече клетките на имунолошкиот систем на местото на инјектирање.

Живите ослабени вакцини се произведуваат од ослабени живи бактерии или вируси. Многу се ефикасни, иако во ретки случаи можат да предизвикаат појава на инфекции, особено кај деца со слаб имунитет.
Мртвите вакцини се многу постабилни од живите. Се прават од микроорганизми кои се деактивирани по хемиски пат. Мртвите вакцини предизвикуваат послаб имунолошки одговор од живите, па поради тоа треба да се применуваат и по неколку пати за да се одржи имунитетот.

И двете постоечки верзии на вакцината против пертусис се мртви, едната е цела мртва бактерија, тоа е таа со 3000 антигени и ацелуларната која има 3 антигени.
Првата предизвикува природно целосно активирање на сите механизми на имунолошкиот систем кои се активираат и при природна инфекција и затоа многу почесто се јавува температура како поствакцинална реакција, за разлика од ацелуларната која активира создавање на само 3 антитела.

Реално гледано побезбедни се мртвите од живите вакцини, но најбезбедни се ацелуларните, оние кои се само чисти антигени.
Целуларната (целоклеточна) вакцина против ДТП се приготвува од “ослабениот” целоклеточен микроорганизам кој внесен во организмот предизвикува создавање на имунитет.
Ацелуларната вакцина против ДТП е смеса од повеќе делови на микроорганизмот кои се доволно реактогени и имуногени за да предизвикаат имунитет (отпорност на организмот) кон него, а при тоа да не може да предизвикаат ниту болест, ниту несакана поствакцинална реакција. Кон такви вакцини оди иднината, но потешко е да се изолираат и да се препознаат кои се тие антигени кои се клучни во препознавањето на бактеријата или вирусот. Откако ќе се дознае, тешко е да се произведе само чист антиген и затоа некои вакцини мора се уште да се даваат живи.

Живите се најмалку безбедни, затоа што тие најреално ја имитираат реакцијата на имунолошкиот систем кон инфекција, и со тоа може да се појават сите симптоми на инфекција, температура, малаксаност, слабост, болки.

Доц. Д-р Елена Костова, Спец. по интерна медицина