Во петок, 18 декември 2020 година, со почеток во 19:00 часот во НУЦК „Антон Панов“ Струмица ќе се одржи промоцијата на првата збирка поезија на Ален Нанов насловена „Ѕвездоскок“.

Мултимедијалната промоција ќе ја отвори Никола Маџиров, а книгата ќе ја претстават издавачот Коста Батев од „Art & Art Stidio Batev“ и рецензентите на книгата Ацо Гогов и Митко Гогов.

Стихови ќе читаат актерите Оливера Аризанова Мансбарт и Ванчо Мелев.

Ален Нанов е роден 1972 година во Скопје. Дипломирал на НАТФИЗ „Крсто Серафов“ во Софија, Р. Бугарија. Освен театарот, негова огромна љубов се музиката, поезијата, уметноста… Животот! Од минатиот милениум живее според неговата: „За да биде – човек треба да биде уметник“.

„Во дебитансткиот ракопис на Ален Нанов „Ѕвездоскок“, кој содржи триесетина песни, имаме пример на урбана лирика, лирика чиј амбиент е првенствено нашето градско живеење.“ – пишува Ацо Гогов во неговите први редови од освртот кон книгата , додека пак Митко Гогов додава дека: „Тој врзува една друга невидлива нишка со читателот, во одреден момент чувствуваш авторска соголеност, но во другиот тоа е веќе разоткривање на повеќеслојни амбиентални и емотивно длабоки манифестирања на креативниот процес“.

За време на промоцијата ќе бидат запазени сите протоколи за заштита од COVID19 според мерките на СЗО и Министерство за здравство, а истата ќе биде емитувана во живо на интернет преку настанот креиран на facebook.