Откако од приватната болница „Систина“ информираа дека кај неколку деца, кои биле заразени со корона вирусот, подоцна се појавиле посериозни здравствени проблеми, министерот за здравство Венко Филипче истакна дека испратен е стручен надзор во приватната болница.

-Испратен е стручен надзор од Универзитетската клиника за детски болести во Одделот за педијатрија во приватната болница „Аџибадем Систина“ да разговараат и разменат искуства, истакна Филипче.

Директорката на Клиниката, д-р Аспазија Софијанова рече дека треба да се проверат информациите од приватните институции дека децата кои прележале ковид-19 имаат тешка клиничка слика.

-Ја проследивме таа информација. Ние имаме успешно излечено детенце кое беше на средина на циклус од лечење на леукемија и поради самата имунокомпромитичирачка состојба помина ковид-19, беше пратено дома и ќе продолжи лекувањето. Имавме уште две дечиња кои немаа така тешка клиничка слика како што беше напишано вчера. Тоа е објавено од приватни институции и тоа сметам дека ќе треба да се ревидира, да се испита реалната состојба. Цело време ги следиме светските студии, а Универзитетската клиника за детски болести е последното ниво каде доаѓаат вистински така комплицирани случаи на постковид реакции кај децата. Она што ние го видовме не оди со таква клиничка слика како што беше објаснето и верувам дека сепак треба да се провери бидејќи паниката кај родителите е оправдана кога ќе прочитате таква информација, но реалноста ќе ја кажеме откако ќе направиме утврдување на фактичката состојба, рече д-р Софијанова, по примопредавањето на донацијата од 35 илјади евра од „Макстил“ за реновирање и опремување на Одделот за предвремено родени бебиња.