Со проекција на филмот „Вратената“ (L’Arminuta) во режија на Џузепе Бонито вечер, во 19 часот, во киното „Милениум“ ќе биде отворено 11-то издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифоини Македонија“.

Филмот „Вратената“ е снимен според истоимениот роман на Донатела ди Пјерантонио. Улогите ги толкуваат: Аурора Барули, Карлота де Леонардис, Фабрицио Феракане, Андреа Фуорто и други. Филмот во 2022 година ја добил наградата за најдобро адаптирано сценарио на италијанските филмски награди „Давид ди Донатело“.

Како што соопшти „Џифони Македонија“, проекцијата е од отворен карактер и не е наменета само за учесниците на фествалот.

На отворањето ќе се обрати италијанскиот амбасадор во земјава Андреа Силвестри.

Повеќе од 550 учесници од девет земји ќе бидат дел од 11. издание на „Џифони Македонија“. Во Младинскиот културен центар, Кинотеката на Македонија и киното „Милениум“ до 10 октомври учесниците ќе гледаат филмови, ќе дискутираат, ќе учествуваат на креативни работилници.

Утрово јуниорите, односно основците го почнаа својот прв ден во Кинотеката, а средношколците ќе ја почнат својата програма утре во Младинскиот културен центар.

Годинава, освен од нашата земја, на фестивалот се очекуваат 40 учесници од: Италија, Србија, Косово, Босна, Грција, Бугарија, Романија и од Франција.

Од филмовите што ќе бидат прикажани во рамки на фестивалот, учесниците ќе можат да се запознаат и да учествуваат на дискусиите со режисерката Дина Дума (кај сениорите), рускиот режисер Олег Асадулин (кај јуниорите) и српската актерка Миона Илов (кај кадетите). Ќе бидат реализирани девет работилници – три за јуниори и шест за кадети и сениори.

Програмата на фестивалот годинава е збогатена со нов сегмент наречен ЕПИК (EPYC – Enhancing Peace through Youth Creativity). Станува збор за проектот за промоција на мирот преку креативност кај младите (EPYC – Enhancing Peace through Youth Creativity), поддржан од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка во рамки на програмата која има за цел да придонесе за стабилизација во регионот и за поддршка на процесите за пристап кон ЕУ.

ЕПИК предвидува серија активности, особено во рамки на 11. издание на „Џифони Македонија“, насочени кон промовирање на мирот, европските вредности и човековите права, преку филм, уметност и култура и активно вклучување на младите во создавањето на филмски и уметнички остварувања кои имаат моќ да пренесат пораки за мир наменети за младата публика.

Во рамки на ЕПИК ќе бидат прикажани 17 краткометражни филмови што ќе се натпреваруваат за три награди. Ќе бидат организирани две панел дискусии на тема ЕПИК со претставници од филмски фестивали за деца од регионот, а в понеделник ќе биде прикажан и грчко-италијанскиот документарен филм „Учениците од Умберто Примо“.

Дел од програмата ќе бидат и две презентации на нови кратки филмови од млади автори од земјава. „Метаморфозис“ ќе одржи презентација на тема медиумска писменост, а ќе се реализира и средба со основачите на брендот Filmthusiast.

Фестивалот ќе биде затворен на 10 октомври во киното „Милениум“, кога ќе бидат прогласени победничките филмови во сите натпреварувачки категории. Ќе бидат доделени и наградите од конкурсот ЕПИК. Ќе бидат прикажани творбите и сценските изведби подготвени од учесниците на креативните работилници.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: Џифони Експириенс, Агенција за филм, италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, како и од Град Скопје, МКЦ, Кинотека, Амбасадата на Италија во Скопје и бројни институционални и приватни поддржувачи.