Апелациски суд денеска треба да одржи јавна седница за случајот „ТНТ“ поврзан со рушењето на станбено-деловниот комплекс „Космос“.

Сопственикот на компанијата „ФИНЕ“ Фијат Цаноски вчера на прес-конференција обвини за судски преседан во Апелацискиот суд и тврдеше дека се подготвува застареност на предметот „ТНТ“ со што компанијата нема да ја добие оштетата од 11 милиони евра.

– Судијата известител и претседател на советот Ѓоко Ристов наместо да постапи согласно одредбите од Законот за кривична постапка (ЗКП) за предметот и да закаже интерен термин за советување и гласање по предметот, тој закажува нова јавна седница за 06.11.2023 година, сè со една единствена цел, знаејќи дека ако таа се одржи, тогаш Советот ќе мора да донесе само една единствена одлука – да констатира застареност за кривично гонење спрема обвинетите и „ФИНЕ“ засекогаш да остане без својата отштета од 11 милиони евра – рече Цаноски.

Според првостепената пресуда на Кривичниот суд, Цаноски треба да добие отштета од речиси 11 милиони евра поради уривањето на комплексот.

На ова реагираа од Апелација од каде посочија дека постапувањето на судечкиот совет е согласно Законот за кривична постапка.

– По одржаната јавна седница на ден 08.05.2023 година, во тек на процесот на донесување на одлука, членовите на советот разгледувајќи ги жалбите на повеќе заседанија, се впуштија во оцена на основаноста на жалбените наводи, а со оглед дека се работи за обемен и комплексен предмет, со огромен број докази, и пред мериторно одлучување, поради констатираните неусогласености помеѓу записникот за советување и гласање на првостепениот суд и изворникот на првостепената пресуда со писмениот отправок на изготвената пресуда во делот на изречената казна на еден од обвинетите, како и во делот на засметување на притворот во изречените казни, на заседанието одржано на ден 11.07.2023 година, членовите на судечкиот совет одлучиле предметот со сите списи административно да се врати на првостепениот суд заради отстранување на горенаведените неусогласености кои претставуваат процесна пречка за донесување на второстепена одлука – се посочува во соопштението.