Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави меѓународен јавен повик за избор на изведувач за систем за наводнување на јужната долина на реката Вардар, на територија на општина Валандово.

Системот, како што истакна на денешната прес-конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, треба да покрие површина од 2.032 хектари и да овозможи трајно решавање на проблемот со обезбедување вода за наводнување. Тоа, пак, рече ќе овозможи промена на културите што се одгледуваат во регионот и насочување кон подоходовни култури, што бараат наводнување 365 дена во годината.

– Основна цел е да ги подобри условите за живот на населението во јужната долина на реката Вардар. Преку одржливо управување со водните ресурси ќе придонесеме кон зголемување на просечниот интензитет на засаденост и зголемување на приносите на главните култури – рече Николовски.

Горан Ангелов од Програмата за наводнување на јужната долина на Вардар, појасни во овој регион традиционално се саделе градинарски култури и овошје, но поради недостиг на вода дошло до нивна промена.

– Земјоделците не беа во можност да ги одгледуваат традиционалните култури. Пристапот до вода за наводнување 365 дена во годината ќе им овозможи да се вратат на традиционално производство, но и на освојување нови култури што бараат континуирано наводнување – рече Ангелов.

Тој истакна дека постојниот систем за наводнување е во лоша состојба, не испорачува вода во повисоките зони, а во пониските само два месеци во годината.

Во новиот систем, рече, се обезбедува вода и во повисоките зони, континуирано наводнување 24 часа дневно 365 денови во годината, а корисници ќе бидат 1.300 домаќинства и 4.500 граѓани кои живеат во селата Удово, Јосифово и Пирава.

Градежните работи треба да почнат кон средината на септември годинава и да се завршат за 21 месец. Проектот се финансира со 70 проценти од средства преку германската развојна банка KfW и 30 од буџет на МЗШВ во износ од 10 милиони евра, како и грант од KfW од четири милиони евра.

Предвидена е изградба на структура за пренасочување на реката Вардар, рехабилитација на водозафат и автоматизиран пумпна станица, главен цевковод, модернизирање на мрежа за наводнување, градежни работи на шахти и хидранти, ккао и реконструкција на пумпната станица во Страиште.