НУ Театар Комедија заедно со Општина Аеродром го реализираат во континуитет Фестивалот на комедијата ,,Гола месечина“. На последното издание на Фестивалот (септември 2019) за прв пат беше воведена и наградата за животно дело ,,Анче Џамбазова“, во чест на една од најголемите наши актерки, која важеше и за мајстор на комедијата. Управата на театарот и Општина Аеродром, предводена од градоначалникот Златко Марин, донесоа одлука да биде снимен и документарен филм за Анче Џамбазова, кој имаше своја премиера во рамките на ,,Гола месечина 2019“.

Градоначалникот Златко Марин и директорот на Театар Комедија, по одржаниот работен состанок преку видео врска, одлучија документарниот филм за Џамбазова да биде прикажан и пред пошироката јавност, односно да биде емитуван онлајн на 4 април, сабота, со почеток во 20 часот на You Tube каналот на кој се емитуваат претставите на Театар Комедија.

Филмот е финансиски поддржан од средствата наменети за одржување на Фестивалот (од страна на Општина Аеродром, предводена од градоначалникот Златко Марин). Режисер на документарниот филм е Миле Гроздановски, а сценарист и асистент на режија е Гоце Трајковски.