Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, и Петре Шилегов, претседател на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија (ЗЕЛС), денеска во просториите на ЗЕЛС имаа работна средба на која разговараа за можностите aлатката за отчетност која Владата ја применува за службените трошоци на министрите и другите носители на јавни функции да се применува и во рамки на локалната власт.

Министерот Поповски по состанокот со првиот човек на локалните самоуправи во Република Македонија изјави дека разговарале за активната транспарентност на Владата и обврските кои ги имаат претседателот на Владата, вицепремиерите, министрите, заменик-министрите, генералниот секретар на Владата, државните секретари на Министерствата, како и укажувањата кон директорите и замениците на јавни претпријатија за објавување на службените трошоци.

„Ја презентиравме Алатката за отчетност со надеж дека ваквиот вид транспарентност и отчетност за трошењата на функционерите, кои имаат можност да располагаат со парите на граѓаните, ќе биде применет и на ова ниво и очекуваме да биде реализирано“, истакна министерот Поповски во врска со препораката за отчетност на градоначалниците, секретарите на општините и претседателите на општинските совети.

Шилегов нагласи дека очекува тоа да биде прифатено како став и во рамки на Управниот одбор на ЗЕЛС и ќе биде отворена поширока дискусија во рамките на телата и органите на ЗЕЛС за примената на електронската алатка.