ме слекуваш

искусно и вешто

со поткрената веѓа

и извиен ќош од усните

со сигурна рака

и смирено дишење

со самодоверба

која нервозна ме прави

и во грлото стравот ми стои

од кој подголтнувам

и за кој не сум спремна

ме слекуваш

молкум, во тишина која му пречи на умов

па создавам музика во главава

и сакам на друго да мислам

а не на твоите прсти и здив

ниту на топлината која ја шириш

која гори отповеќе од она што поднесувам

па гледам настрана

или барем се обидувам

дур во очите ти читам задевање

и тивка, тивка среќа

ме слекуваш

без да ми ја допреш облеката

кожата ми ја слекуваш

во ролна

одозгора-надолу

како жена чорапи пред љубовникот

ете така ме соголуваш

нежно

мило

љубовно

во тишина

ме слекуваш

и само месото ми го оставаш

со мислите на виделина

и срцето кое чука како поблесавено

со душата на мегдан извадена

а по неа со прст полека поминуваш

небаре стаклена е, од што кршлива е

и ме бакнуваш по сите лузни

кои како сплетена пајажина ме красат

дур ми шепотиш дека ме љубиш

дур сите бедеми ги рушиш

ме слекуваш

цела вечност

како времето да застанало

и да не постои ништо наоколу

освен ние двајца

голи

еден пред друг слечени

без страв и бол

и убоста си ја гледаме

еден во друг продираме

тивко, тивко….полека

 

Ана Бунтеска